
Една од негативностите на пишувањето на портал е тоа што не знаете која шпекулација е вистинска, а која е само желба на фановите. Најчесто, посакуваме шпекулациите да се остварат, но не и овојпат…
Твитер профилот @evleaks ги откри можните спецификации на телефонот со кодно име HTC M8, односно најверојатно идниот HTC One 2. Мора да ви напоменеме дека најчесто не им веруваме на Твитер профилите, но @evleaks се едни од најкредибилните извори во јавноста.
Според нив, HTC ќе го најави новиот уред во февруари, но спецификациите дефинитивно нема да не импресионираат. One 2 ќе поседува 5 инчен екран со FullHD (1080p) резолуција, quad-core Snapdragon процесор, 2GB RAM и UltraPixel камера. Сето ова воопшто не звучи лошо, но кога ќе споредиме што планираат да нудат ривалите (екрани со 2K резолуција, 64 битни процесори со 8 јадра итн.), тогаш дефинитивно понудата на HTC е разочарувачка.
Можеби тајванскиот гигант има нешто во ракавот? Одреден дел од аналитичарите шпекулираат дека ова се спецификации за HTC One 2 Mini, а главниот модел ќе биде далеку помоќен. Сепак, мини верзија со 5 инчен екран? Не звучи баш веројатно…
Извор: GSM.mk