
И оваа 2014 година започна со нови задолжувања. Додека Министерството за финансии објави дека Јавниот долг на Централната Влада достигна 34,6% од Бруто Домашниот Производ, директорскиот борд на ММФ оцени дека темпото на задолжување ќе ја однесе земјата до задолженост од 49% од БДП во следните четири години.
Во меѓувреме, засилуваат задолжувањата од домашните кредитори. Денеска, по основ на доспеани записи Владата треба да се раздолжи со 30-тина милиони евра откако вчера се задолжи со повеќе од 45 милиони евра.
Ново задолжување и раздолжување!
Само за еден месец, или од декември 2013 година до крајот на јануари годинава Јавниот долг на Централната Влада се зголеми за 18 милиони евра. Во првиот месец од годинава Владата должи 2 милијарди и 775 милиони евра или нивото на задолженост изнесува 34,6% од БДП, што за еден месец претставува раст од 0,3 процентни поени.
Анализата на бројките покажува дека во јануари надворешните задолжувања се замрзнати, но затоа растат внатрешните долгови. Практично, на терен се реализира она што Владата веќе го најави – дека буџетските потреби за пари ќе ги покрива со задолжувања од домашните кредитори, банките, пензиските фондови, осигурителните компании.
Внатрешните задолжувања, што се спроведуваат преку продажба на државни хартии од вредност, според апсолутната вредност веќе се приближуваат на надворешните долгови. Така, во јануари долгот на Централната Влада кон странство изнесува скоро 1 милијарда и 600 милиони евра, а внатрешниот долг е речси 1 милијарда и 200 милиони евра.
Повеќе за ова на Faktor.mk