
Расипан или оштетен iPhone, без разлика дали ќе го фрлите во канта, во отпад за електронски уреди или пак го продадете на некој сервис за мобилни телефони, најголемиот процент од старите iPhone телефони нелегално добиваат нов живот во чудесната земја Кина.
Познато е дека iPhone e најпопуларниот телефон во Кина, но и дека голем дел од смартофните на Apple кои се продаваат и купуваат во Кина се употребени телефони, односно од втора рака. Но според кинескиот блог за технологија, itHome, голем дел од iPhone смартфоните што се продаваат онлајн во Кина како нови, се всушност употребувани телефони, само поправени, средени и спакувани.
Процесот на креирање на ваков старо-нов iPhone може да го видиме во фотографиите што ги пренесува порталот Kotaku. Овој бизнис зазема дел од големата сива економија во Кина, а старите уреди најчесто доаѓаат од САД, Јапонија или Хонг Конг.
Старите уреди се купуваат од „ситни“ трговци за ниска цена и затоа најчесто се многу оштетени и имаат искршени делови како на пример пукнати екрани и слично.
Ова не преставува проблем за техничарите во овој бизнис во Кина – уредот целосно се расклопува, се комбинира со нови делови од други iPhone телефони. По ова телефонот се склопува и пакува во кутија која е идентична на оригиналната, и која доаѓа со налепница со нов сериски број.
Потоа овие телефони се продаваат на познати онлајн продавници, или пак во помали мобилари, по цена на нов iPhone телефон.
Извор: GSM.mk