Наскоро ќе може да се регистрира нова фирма само по електронски пат, преку регистрациски агент и без надомест…

firma

Ове се дел од измените и дополнувањата на Законот за трговски друштва што Министерството за економија во следниве денови ќе ги достави во владина процедура.

– Со измените, покрај регистрирање фирма само по електронски пат се предвидува и целосно укинување од употреба на официјалниот печат, како и лицата кои ги немаат платено придонесите, даноците и царинските давачи или должат по основ на други давачки или на некој начин се на „црната листа и досега го изиграле законот“ да не можат да купат удели во фирма или да пренесат удели во друга фирма – изјави министерот за економија, Ваљон Сарачини.

Тој нагласи дека во соработка со Централниот регистар во измените и дополнувањата на Законот за трговски друштва се предвидуваат и две нови електронски апликации од кои првата е за електронско бирање на стечајни управници, а вториот софтвер е за електронска продажба на стечајна маса.

Се зголемува бројот на регистрациски агенти, односно овластени сметководители кои имаат добиено уверение од Министерството за финансии за електронско регистрирање фирми. До сега обуката ја имаат поминато околу 500 регистрациски агенти, а од нив околу 130 имаат добиено овластување и веќе претставуваат електронски регистрациски канцеларии на Централниот регистар каде што сите граѓани можат да поднесат барање. Ефектот од тоа е што услугата станува подостапна за граѓаните од целата држава и тие без никаков трошок можат да започнат бизнис.

Според податоците на Централниот регистар во Македонија има регистирано околу 103.000 фирми од кои активни се 70 до 80.000. За 37.000 фирми во процедура е проверка дали во последните три и повеќе години имале активности или не.

Извор: Plusinfo.mk