Советот на Општина Делчево на денешната вонредна седница донесе одлука за доделување парична помош од општинскиот буџет за семејствата на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.

Претседателот на Советот на Општина Делчево, Гоце Попов, денеска свика вонредна седница на Советот, на која беше разгледана и усвоена одлука за доделување парична помош од општинскиот буџет за семејствата на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.

Седницата започна со едноминутно молчење во чест на жртвите од трагедијата, во која загинаа 59 лица, додека повеќе од 190 се хоспитализирани. Попов истакна дека оваа незапаметена несреќа претставува заедничка загуба и болка за целото општество, нагласувајќи ја потребата од солидарност и поддршка за погодените семејства.

Советот на Општина Делчево едногласно ја усвои предлог-одлуката, со што ќе биде издвоена финансиска помош како израз на сочувство и поддршка во овие тешки моменти. Општинските власти истакнаа дека ќе продолжат да ги следат случувањата и ќе разгледаат дополнителни можности за помош на погодените семејства и заедницата.