СДСМ претстави уште три нови мерки од програмата за враќање на средната класа насочени кон зголемување на инвестициите и на извозот на малите и средните претпријатија.
Опозициската партија, како што изјави Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ, според програмата ќе обезбеди поддршка преку издавање на гаранции од Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) за секое мало или средно претпријатие што има инвестициски проект и за него има обезбедено 25% сопствено учество. Предвидува и формирање гарантен фонд, во висина од 15 милиони евра, за давање гаранции при доделување на кредити од банките на малите производни фирми, коишто имат извозно ориентирано производство.
Преку проектот за градење на македонска мрежа на бизнис инкубатори, според Узунов, ќе се помага развојот на над 300 мали и средни претпријатија годишно, од коишто најуспешните ќе добиваат и финансиска поддршка во износ до 10.000 евра.
Од владеачката партија веднаш реагираа со соопштение.
– СДСМ затвораше фирми и ја зголемуваше невработеноста во државата која во нивно време достигна рекордни 38,7 проценти. За разлика од нив ние ја намаливме невработеноста на 28,7 проценти, БДП расте и во услови на криза, извозот е на рекордно ниво, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
– За малите и средни компании обезбедивме 350 милиони евра евтини кредитни линии преку Европската инвестициска банка, од кои 250 милиони евра веќе ги искористија 1.000 компании, а дополнителни 100 милиони евра по повластена каматна стапка од 5,5 проценти се ставени на располагање од почетокот на оваа година со што е обезбеден континуитет во поддршката на малите и средни компании. Дополнителни 10,7 милиони за поддршка на примарното земјоделство, за преработка и извоз, обезбедивме со докапитализација на МБПР при што 27 компании ја искористија оваа можност и добија средства со камата од само три проценти, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Малите и средни компании заштедија десетици милиони евра во овие години заради мерките кои ги спроведе Владата во партнерство со бизнис заедницата, што
овозможи подобар бизнис амбиент поголема вработеност и подобар извоз.
Извор: Faktor.mk