
Владата на денешната Седница донела одлука со која ги ослободува работодавачите од плаќање на социјални придонеси ако вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување…
Премиерот Никола Груевски истакна дека суштината на овие законски промени со кои се врши поттикнување на вработувањата на младите лица до 29 годишна возраст во приватниот сектор, предвидува ослободување на работодавачите од приватниот сектот од задолженијат за плаќање на социјални придонеси, односно придонеси за пензиско-инвалидско, здравствено и придонеси за осигурување во случај на невработеност.
– Ослободувањата од социјалните придонеси за работодавачот ќе бидат во период од 12 месеци, со обврска понатаму работодавачот да го задржи на работа ангажираното лице за кое бил ослободен од плаќање на придонеси уште дополнителни 12 месеци – рече Груевски.
Тој додаде дека ослободувањето ќе се однесува на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси односно до основицата од просечната бруто плата од претходната година.
– Доколку работодавачот исплати нето плата повисока од просечната плата ќе треба да си изврши доплата на социјалните придонеси на разликата од просечната плата до исплатената плата – појасни Груевски.
Услов за работодавачите, кои ќе сакаат да вработат лица до 29 години преку оваа мерка, како што нагласи премиерот, е да нема намалување на бројот на вработените на неопределено време по 31.12.2013 година, односно од јануари 2014 година па до денот на вработувањето на новите работници.
Работодавачите со оваа мерка ќе имаат обврска да ги задржат вработените во период од 12 месеци.