Наследникот на Филип Рикер, новиот помошник државен секретар на САД Хојт Ји во понеделник доаѓа во Скопје. Освен со премиерот Никола Груевски и шефот на македонската дипломатија Никола Поповски, Ји веќе во понеделник ќе се сретне со лидерот на социјалдемократите Зоран Заев.   

hojt_li_Sad

Иако сите лицитираат со предвремени парламентарни избори тие можно е и да не се случат. Сигурно е засега дека ќе има редовни претседателски избори. Според аналитичарите партијата на Али Ахмети не донела одлука за предвремени парламентарни избори токму поради посетата на Ји и сигналот кој ДУИ ќе го добие од одговрниот од Стејт Департментот за западен Балкан. Во овој момент нема потреба од предвремени парламентарни избори, сите институции функционираат, не е закочено ништо, напротив дури и политичкиот дијалог функционира на високо ниво. Хојт Ји има долгогодишна дипломатска кариера. На високата позиција во американската администрација доаѓа од функцијата заменик – амбасадор на САД во Хрватска, а претходно бил и генерален конзул на САД во Грција.

Изборниот законик тест за претседателските избори

Без проблеми изгласаниот изборен законик беше и е мамката за социјалдемократите да прифатат предвремени парламентарни избори, коментираат аналитичарите. Иако, СДСМ тврди дека се подготвени ако треба и за парламентарни избори, сепак според нив за тоа одлучуваат ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Социјадемократите засега се сконцентрирани на претседателските избори, изборниот законик го изгласаа, но ќе ја чекаат неговата имплементација  и тоа токму на претседателските избори.

Кој и зошто сака раздор во социјалдемократите

Наташа Савова, пратеничка од редовите на СДСМ, порано шефица на кабинетот на екс лидерот на социјалдемократите Бранко Цвренковски отворено удри по нејзината партија. Преку социјалните мрежи испрати порака – „Никако да се релаксираат од мене ситните брифери од СДСМ. Прво јас сама се повлеков, второ и да ме поканите на листата на Заев и Шеќеринска ќе Ви се заблагодарам на довербата, бидејќи одбивам да бидам на листа на екипа која е канцерот на СДСМ. Продолжете да си се натпреварувате со ВМРО кој повеќе станови купил и градежно земјиште поделил“, напиша Савова на Фејсбук. Од партијата на Заев и порачаа дека доколку Савова мисли навистина така, нека ја напушти пратеничката функција. За аналитичарите симптоматично е тоа што Савова се огласува сега, во време кога опозицијата речиси секојдневно објавува компромитирачки документи за луѓе од власта или индиректно поврзани со владеачката гарнитура. За нив уште позагадочно е кој се вчера ја бранеше Савова, особено луѓе блиски до власта. Зошто? Зошто сега кога токму во владеачката партија (ВМРО ДПМНЕ) е започнат раскол, особено по милиониски афери кои ги обелодени СДСМ. За кого одработува Савова, прашуваат од СДСМ. Аналитичарите сметаат дека Савова можеби некогаш имала клучна улога кај социјалдемократите, но сепак сега станува јасно зошто и кои ги предизвикувал внатрешните судири во партијата, овде земјаќи ги во вид исклучувањата од партијата, непосредно пред локалните избори.. Почнувајќи од Бучковски, преку Бузлевски, па и сите останати..

На СДСМ и недостасуваат луѓе како Љупчо Јордановски, Лазе Китановски, Ѓорѓи Спасов! Савова е далеку од мајстор за аналитика

СДСМ доколку сака да го одржи досегашниот курс и да продолжи со рестартирањето партија ќе мора да расчисти со сите луѓе кои ја донесоа партијата до ова дереџе. Аналитичари блиски до опозицијата сметаат дека во редовите на социјалдемократите мора да се појават нови чесни и вистински луѓе кои ќе и го одредат правецот на новата СДСМ, на веќе извиканите фаци кои предизвикуваат револт кај електоратот партијата треба да им се заблагодари за досегашните активности. Покојните Љупчо Јордановски и Лазе Китановски, некогашниот секретар на партијата Ѓорѓи Спасов, беа мајстори на занаетот аналитика. Има ли денеска кај социјадемократите луѓе од ваков калибар?

Извор: Faktor.mk