
Трошоците на живот во јануари во однос на декември се намалини за 0,1 отсто, а цените на мало се зголемиле за 0,2 проценти, соопшти Државниот завод за статистика…
На намалувањето на трошоците на животот во јануари 2014 година, во однос на претходниот месец, според пресметките на статистика, влијаеле намалените цени на јајцата за 2, 5 отсто, на чоколадните производи за 1,3 отсто, овошјето за 1,2 отсто, лебот и житариците за 0, 7 проценти, како и на цените на обувките за 3, 8 отсто, облеката за 0,6 проценти, течните горива за домаќинствата за 0,5 отсто и резервни делови и опрема за сопствен превоз за 0,2 отсто.
Споредбите на трошоците на живот и цените на годишно ниво пак покажуваат дека, во јануари годинава во споредба со јануари лани, трошоците за живот се повисоки за 0,9 отсто.
Најголемо зголемување на трошоците на живот за период од една година има кај здравјето каде што трошоците се зголени за 13 отсто, кај алкохолни пијалоци и тутун за 5 проценти и кај храната за 1 отсто.
Повисоките трошоци за здравство, според податоците на статистика, се должат на зголемените цени на лековите, кои од јануари 2013 до јануари 2014 се зголемиле за 20,1 проценти, а другите медицински производи поскапеле за 23,5 отсто. Медицинските услуги биле поскапи за 3,6 проценти овој јануари во споредба со ланскиот.
Зголемувањето на трошоците во делот на алкохолни пијалоци и тутун се должи најмногу на растот на цените на пивото од 12 отсто, и кај жестоките пијалоци за 7,2 отсто. Тутунот во истиот период поскапел за 3,5 проценти.