trajko1-564x272

Собранискиот спикер Трајко Вељаноски точно напладне денеска ги распиша предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат на 27 април заедно со вториот круг од претседателските избори.

„Денес го потпишав Решението за распишување на предвремени избори за пратениците во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат на 27 април, на истиот ден со вториот круг  на изборот за претседател на Република Македонија, доколку претседателот не биде избран во првиот круг, на 13 април“, објави Вељаноски.

Тој апелираше до сите политички партии да придонесат за создавање мирна и демократска изборна атмосфера.

„Како и минатиот пат и денес сакам да потенцирам дека пред нас е изборен процес во кој изборните правила се прифатени со согласност и на власта и на опозицијата што претставува дополнителна одговорност и за едните и за другите и обврска истите да бидат почитувани и практикувани во текот на целиот процес“, рече Вељаноски.

Државната изборна комисија сега ќе треба да работи на усогласување на роковите за двете кампањи, кои се преклопуваат – претседателската и парламентарната.

Извор: Faktor.mk