
МВР преку соопштение го потврди инцидентот во кој е вклучен Сашко Коцев, еден од нашите најпознати и најангажирани актери.
Во соопштението пишува дека „вчеравечер околу 19.15 част во Скопје, на подрачјето на Центар, „С. К. управувајќи возило ‘фолксваген’ не застанал на знак за запирање даден од полициски службеник кој извршувал службени дејствија, агресивно се однесувал, по што со возилото го удрил полицискиот службеник и го напуштил местото“.
По инцидентот се огласи Коцев. Тој тврди дека не прегазил полицаец и дека воопшто не знаел дека тоа е полиција. Објаснува дека немало да си замине од местото на настанот ако знаел дека човекот кој му рекол да си оди е полициец, зашто бил во цивилна облека, а не во униформа.
За порталот „СДК.мк“ Коцев вели дека полицаецот удрил со рака во неговото возило и ја вознемирил ќерка му која тој ја земал од час по музичко.
„Ова воошто не е така. Јас не ни знаев дека тоа е полиција, туку мислев дека се некои од обезбедување кои затвориле уличка. На прашањето: ‘Кои сте вие да затворате улица?’, ми рекоа ‘Сега ќе видиш кој сум’. И стоеше пред колата. Детето почна да плаче, јас од паника само ја придвижив колата, тој се тргна и заминав. Следна информација е оваа објава по порталите која е невистина. Немав никаква намера да прегазам никого“, вели Коцев.