
Пишува: Марио Милчевски
Во личен разговор со станари од речиси сите станбени објекти во Делчево, забележано е дека во најголем број од нив недостасуваат основни противпожарни средства – нема ПП апарати, ниту пак црева за хидрантите. Тоа значи дека во случај на пожар, овие системи се целосно нефункционални. На прашањето зошто е тоа така, речиси идентичен одговор – веројатно некој ги зел за друга намена, без да биде свесен за опасноста што ја создава со таквата постапка.
Во Делчево, како и во многу други места, безбедносните пропусти во станбените објекти се повеќе од очигледни. Во зградата во која живеам, каде што има околу 25 станови, немаме противпожарни апарати, ниту црева за хидрант. Истата состојба ја забележав и во речиси сите останати згради во градот. За првпат, на нашата зграда беше поставено известување од Општина Делчево, кое нагласува дека станарите се одговорни за нормалното и безбедно функционирање на зградата. И тоа е апсолутно точно. Но, дали ова известување е доволно за менталитет како нашиот?
Контрола од надлежните органи во овој поглед никогаш немало, а треба да има! Без редовни инспекции и санкции, многу станбени објекти остануваат небезбедни, а тоа може да има сериозни последици. Но, и покрај тоа што општината и надлежните треба да преземат поактивна улога, најголемата одговорност паѓа врз нас – станарите. Често пати сами не ги почитуваме основните правила за безбедност, не вложуваме во заедничката сигурност и не сакаме да прифатиме дека е неопходно заеднички да делуваме.
Затоа, по увидот во состојбата, преземаме иницијатива со мои соседи, не само за мојата зграда, каде што веќе разговаравме за исправка на нашите огромни пропусти, туку и за пошироката заедница. Ги повикуваме сите станари во Делчево да ја согледаат сериозноста на ситуацијата и да преземат конкретни чекори за подобрување на безбедноста во нивните згради. Ова не е само обврска, туку и морална одговорност.
Истовремено, апелирам до надлежните институции да не остануваат пасивни. Време е да излезат од комотните канцеларии и да вршат контроли и да санкционираат кога ќе се утврдат недостатоци. Во секоја европска земја ова е стандардна пракса – зошто би било поинаку кај нас? Доколку не постои контрола и казни, нема да се постигне промена, бидејќи во многу згради недостига елементарен заеднички дух и желба за соработка.
Станарите сметаат дека е време да се стави крај на оваа негрижа и ја поддржуваат иницијативата секој од себе да почне да придонесува – било да се работи за зграда или куќа. Само со заеднички напор може да се создаде подобра, побезбедна и почиста животна средина за сите.