
На чист понеделник, со чист образ пред пет години токму од овој град реков дека одам да ја освојам довербата на граѓаните на Македонија…
И по пет години, пак во понеделник и од истото место, истото ви го велам, дека ќе продолжам со иста посветеност да работам за доброто за Македонија, рече на промотивниот митинг актуелниот претседател и кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, вечерва во Охрид.
– Длабоко е Охридското Езеро, но длабоки се и нашите корени во оваа земја. Пред пет години ја добив вашата доверба. Остварив и повеќе отколку што ветив во програмата. Бев гласот на граѓаните, остварив преку 450 средби со претседатели, премиери, министри и над 100 формални и неформални посети и учества на форуми. Мандатот го посветив на отворање нови хоризонти за Македонија. Во сè што правев не бев сам, затоа сакам да и оддадам признание на владата за вложените напори – рече Иванов.
Тој нагласи дека за овој период имал голема поддршка од премиерот Никола Груевски и од министрите и пред присутните на митингот истакна дека во целиот свој мандат многу енергија и внимание посветил на предизвикот – наметнатото прашање за разликата околу името.
– Веќе 23 години слушаме невистини дека не сме добар сосед, дека имаме територијални претензии, дека сме измислен народ, дека имаме измислен јазик. 23 години од нас се бара да се откажеме од сопствениот идентитет. Човек може да се откаже од тоа што му е дадено и стекнато, но не и од идентитетот, кој го имаме. И покрај сите притисоци, издржавме и ќе издржиме – рече Иванов, кој од охриѓани вечерва побара поддршка за втор претсдатески мандат.
Тој од митингот вети дека нема да прифати промена на Уставот, кој има за цел промена на уставното име.
Извор: Plusinfo.mk