
Електронскиот дневник кочи и брише оценки, реагираат наставниците што мора да го користат овој софтвер за да ги информираат родителите за состојбата на оценките на нивните деца…
Еден од проблемите со кои се соочуваат е и тоа некогаш системот да им ги избрише веќе внесените оценки, па да мора од почеток да ја работат работата.
Наставници што сакаат да останат анонимни, велат дека впишуваат оценки и во слободно време, чекајќи системот да се активира.
– Ги навиваме будилниците во три ноќе. Системот кочи, не работи, брише сè што си напишал и мора пак да внесуваш – вели нашата соговорничка- наставник во основно училиште.
Директорот на основното училиште „Единство“ во Гостивар, Мерсељ Садику, објаснува дека главно проблемите се системски.
– Кога системот е преоптоварен, тешко ги прима информациите, не ги зачувува. На прв поглед сè изгледа во ред, ама за ден-два, ги нема оценките. Главно, во такви случаи се интервенира да ги вратиме пак или контактираме со провајдерите преку мејл. Обично, преоптоварен е системот кога ќе навалат инспектори, па цела република е прикачена на системот. Има дневни периоди кога инспекторите вршат контрола во сите училишта да биде сè пополнето и кога ќе се даде рок дека треба да се пополни до тој и тој ден, тогаш пристапот е тежок – објаснува Садику.
Тој додава дека родителите ги примаат извештаите за оценките на нивните деца со смс-пораки, бидејќи им е попрактично отколку тоа да го прават преку мејл.
Директорката на основното училиште „Петар Поп Арсов“ во Карпош, Лела Николоска, објаснува дека се случува оптовареноста на мрежата да го блокира системот и да се создаде ситуација во која не секогаш е можно системот да биде во употреба.
– Тоа е софтвер на кој се приклучени сите училишта и еден дел од нашата работа, повеќе како информативен дел, за родителите да добиваат редовни информации за состојбата на оценките на нивните деца. Тоа е истиот, пишан дневник, само во дигитална форма. Оптовареноста на мрежата понекогаш ни го блокира системот, па се чека до доцните часови да се седне да се работи. Наставниците не смеат да имаат застој, зашто имаат редовни контроли – посочува Николоска.
Директорката на основното училиште „Коле Неделковски“, Светлана Масларевска, вели дека сè што е законска обврска мора да функционира.
– Проблем е внесувањето поради интернетот. Затајува системот, паѓа кога се вклучени повеќе наставници и не се отвара. Но, наоѓаме начин да функционираме. Наставниците имаат неделна обврска да внесуваат оценки – објаснува Масларевска.
Од основното училиште „Владо Тасевски“ во Карпош, велат дека сите проекти секогаш успешно ги реализираат, вклучително и проектот е-дневник.
– Нормално е секој проект, при својата реализација да има свои предности, но и потешкотии. Но, во ОУ „Владо Тасевски“ Скопје, секоја потешкотија се решава со тимска ангажираност и заемна меѓусебна соработка. Така е и во конкретниот случај со е-дневникот. Така што сè се решава во најкраток можен рок на општо задоволство на сите вклучени страни, ученик, наставник, родител – ни одговори Слободанка Бадаровска, одделенски наставник во училиштето.
Портпаролот на Министерството за образование, Давор Политов, тврди дека платформата за е-дневникот е значително подобрена и функционира одлично, а од IT секторот во МОН, добил информација дека нема никаков застој, ниту поспоро функционирање на е-дневникот.
-Системот е централизиран, така што ако има проблем кај еден, ќе има проблем кај сите наставници. Ние имаме нова платформа која е усовршена и во моментов нема ниту една забелешка. Сигурно ако некој има проблем, ќе се јави во МОН. И сите наставници да се вклучат во исто време, системот нема да падне – ни изјави Политов.
Извор: Plusinfo.mk