
Вебсајтот Clatl.com даде интересно претставување за нашиот НБА центар, кој доживува се поголема популарност во САД.
„Малкумина луѓе во САД обрнаа внимание кога Атланта Хокс му понуди двегодишен договор од 2,5 милиони долари на Перо Антиќ. Кога тој го потпиша договорот стана првиот НБА играч од неговата земја што беше историски настан.
Антиќ игра на центарската позиција, има избричена глава, црна брада и на неговото тело има бројни тетоважи, од имињата на неговите два сина, нивните родендени и хороскопски знаци. Има ружа над неговото срце за неговата сопруга, знаме на неговата татковина на градите и голем војник на грбот на кој пишува „Македонски воин““, стои на сајтот clatl.com.
„Тоа е она што го правам се борам за мојата земја“, вели Антиќ.
Во 2011 година Антиќ ја предводеше македонската репрезентација до историското 4. место на ЕП, со своите соиграчи доби орден на честа од претседателот Ѓорѓе Иванов, а на клупски план со Олимпијакос освои две титули во 2012. и 2013. година во Евролигата.
Сајтот ја истакнува големата поддршка која Антиќ ја има од „македонската фаланга“ на секој натпревар во НБА. Незаборавни се дуелите каде се вееја македонски знамиња во Медисон Сквер Гарден во Њујорк, Детроит, Кливленд…
„Можете да ги видите насекаде каде што играме, има знамиња на Македонија и луѓето се во делириум. Во мојата земја луѓето ја сакаат кошарката. Ми значи што гледам како еден човек ги обединува и прави да се чуствуваат како дома“, заклучува Антиќ.
Извор: Sportski.mk