
Околку 600 денари зголемување на пензијата ќе добие секој пензионер во земјава…
Исплатата на зголемувањето ќе почне од 7 март кога ќе се исплати пензијата на првата група пензионери. Зголемувањето е линеарно за сите 291.821 пензионер во земјава.
Ова денеска го усогласија и на заедничка прес конференција го соопштија министрите за финансии и труд и социјална политика Зоран Ставрески и Диме Спасов, како и директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) Беким Незири и претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери, Драги Аргировски.
– Во Буџетот за годинава се обезбедени 1,8 милијарди денари со што се покрива ова зголемување на пензиите за 10 месеци. Владата ги има како приоритет пензионерите и доколку има можност и наредната година ќе обезбедиме ново зголемување на пензиите – рече министерот за финансии Зоран Ставрески и потсети на другите привилегии што владата им ги обезбеди на пензионерите.
Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Незири изјави дека парите за зголемување на пензиите се веќе легнати во буџертот на ПИОМ и веќе на 7 март првите пензионери ќе ги добијат планираните 600 денари заедно со пензијата. Тој, меѓутоа, имаше чудно објаснување за тоа како се зголемуваат пензиите кога буџетскиот дефицит на ПИОМ лани достигна 166 милиони евра, а за годинава се очекува дефицит од 242 милиони евра.
– Да ја гледаме пошироката смисла на ова зголемување. Навистина, тоа влијае на дефицитот на буџетот на ПИОМ, но има реални ефекти врз пензионерите и врз новите вработувања. Ако во 2006 година на еден вработен имало 1,40 пензионреи сега имаме на еден вработен, 1,8 пензионри. Тоа ќе има позитивни ефекти и ние затоа се согласивме за ова зголемување – појасни Незири.
За пензионерите ова зголемување на пензиите од 600 денари ќе значи подобрување на нивниот стандард, сметаат од власта.
– Ова е значајна работа за пензионерите и за подобрување на нивниот стандард – вели претседателот на пензионерските здруженија Аргировски.
Тој очекува зголемувањето на бројот на вработените во земјава да има ефект и врз уплатата на придонеси во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Извор: Plusinfo.mk