
Владата и избраните политички лидери треба сами да одлучат дали ќе има или не предвремени парламентарни избори во Македонија, но она што очекуваат САД е единствено тоа да не наштети на главната цел на земјава – интеграциите во ЕУ и НАТО.
Ова е пораката што заменикот помошник државен секретар на САД Хојт Брајан Ји им ја пренел на државниот врв и на лидерите на главните политички партии на средбите во Скопје.
„Каква и да е одлуката што ќе ја донесе Владата, САД се надеваат дека тоа ќе биде одлука која ќе ги унапреди македонските цели за евроинтеграција, за прогрес на напорите за влез во НАТО и ЕУ. Се разбира, изборите треба да бидат слободни и фер, согласно меѓународните стандарди“, изјави Брајан Ји.
Тој побара од Грција и Македонија да покажат поголема флексибилност во предиодот што престои, да го остават минатото и да гледаат во иднината за да најдат можности за компромисно решение на спорот со името. Сепак, верува оти трета страна не треба да се меша во ова прашање.
„Важно е меѓународната заедница да помогне колку што е потребно да ги охрабри двете страни, Грција и Македонија за да најдат решение. Три години живеев во Солун, во грчка Македонија и верувам дека луѓето во Грција знаат колку е важна стабилноста, безбедноста и просперитетот долж нивните граници вклучувајќи ја и Македонија“, нагласи високиот американски претставник.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов на средбата со Брајан Ји, се пожалил на „неодговорното однесување на соседна Грција, која избегнува контакти и не ја почитува рамката на разговорите за разликите околу името“, па побарал од Вашингтон да инсистира на „разумно однесување од страна на Атина“.
Освен со него, заменикот помошник државен секретар на САД се сретна и со премиерот Никола Груевски, шефот на дипломатија Никола Попоски и лидерите на поголемите партии од власта и опозицијата.
Извор: Faktor.mk