
Денеска митинг во Делчево одржа претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски…
Денеска видов преполовени села. Бабите и дедовците ги чекаат своите внуци да се вратат од странство. За џабе чекаат. Внуците ја напуштиле Македонија. Затоа прва и основна задача ни е да ги вратиме младите и да ги задржиме тука.
Вака започна вечерашниот митинг во Делчево на претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски.
– Претседателот е избран директно од народот. Затоа тој работи согласно интересите на народот и директно нему му одговара. Тој не смее да има газда над себе. Сè додека претседателот има газда нас себе, луѓето ќе му бегаат од државата, бидејќи не создава шанси за нив – им рече Пендаровски на граѓаните на Делчево.
Тој им порача да токму затоа е сам на бината.
– Сакам да бидам претседател на сите граѓани. Сакам секој граѓанин на оваа земја во мене да гледа претседател кој ќе застане зад него. Претседател кој влева доверба и сигурност. Претседател на кој ти ќе можеш да му веруваш. Тоа е мојата намера и таков претседател ќе бидам – рече Пендаровски.
Тој во рамките на посетата во Делчево ги посети и оствари средби и со жителите на селата Тработивиште и Звегор.