
На 86. доделување на Оскарите, кое не донесе многу изненадувања, триумфираше научно-фантастичната авантура „Гравитација“ на Алфонсо Куаран со вкупно седум „Оскари“, но од раката му измакна оној најважниот – за најдобар филм, кој ѝ припадна на суровата драма „12 години ропство“ на британскиот режисер Стив Меквин…
Бред Пит конечно доби „Оскар“! Не оној за глума, туку за најдобар филм, имајќи предвид дека беше еден од продуцнетите на „12 години ропство“, кој освои и „Оскари“ за споредна улога – Лупита Нјонго и за адаптирано сценарио – Џон Ридли.
Мексиканецот Алфонсо Куарон е првиот хиспано режисер кој освоил „Оскар“. Иако еден неименувам колега неколку дена пред доделувањето го нарекол само „предводник на комитетот на техничари“, тој победи бидејќи диригираше со најобемното, најсмелото и комерцијално најуспешното остварување од сите номинирани за најдобар филм.
Метју Меконахи излезе како победник во мошне неизвесната трка за главен глумец и пред да се качи на сцената спортски го прегрна најголемиот конкурент – Леонардо ди Каприо кој ја толкуваше главната улога во филмот „Волкот од Волстрит“. Метју ја одигра маестрално улогата на заразениот со ХИВ Рон Вудруф и затоа набавува лекови кои не се дозволени во САД. Вудруф живеел повеќе од 6 години по дијагностицирањето на болеста, а починал во 1992 година. За да ја долови улогата на најоригинален начин Меконахи ослабна 20 килограми.
Како што се и очекуваше, Кејт Бланшет „рутински“ ги победи своите ривалки (Џулија Робертс, Ејми Адамс, Џуди Денч и Сандра Булок) и, во најдолгиот говор на вечерта, им заблагодаруваше на сите по ред, истакнувајќи на крај дека филмот „Несреќната Јасмин“ е показател дека публиката сака приказни со жени во центарот и дека тие филмови можат многу да заработат.
Најдобрата споредна глумица, Лупита Нјонго, беше најемотивна добитничка на вечерта. Таа, исто така во тесна трка, победи благодарение на улогата на напатената робинка Петси. Својот „Оскар“ го посвети на сите деца, од каде и да се и порача дека нивните соништа се важни. Имено, нејзината главна конкурентка, Џенифер Лоренс, во текот на целата сезона на награди навивала за црномурестата Кенијка (родена во Мексико) и приватно рекла дека посакува нејзина победа бидејќи „толку многу ја заслужува“.
После шестогодишно отсуство од филмската индустрија (за да се фокусира на кариерата на рок ѕвезда во својот бенд „30 Seconds to Mars“), Џеред Лето ослабнал 18 килограми, внел волшебна хуманост во ХИВ позитивната трансродна личност во филмот „Работен клуб Далас“ и освои се што можеше да се освои оваа сезона, заклучно со „Оскарот“ за споредна улога.
Спајк Џоунз му ги замрси конците на филмот „Гравитација“ во категоријата за оригинално сценарио, освојувајќи „Оскар“ за филмот „Таа“, приказна за необичен љубовен однос помеѓу осамен писател и оперативен систем кој неодамна го набавил (дизајниран да ги исполнува сите негови желби).