Со палење на олимпискиот оган во црноморскиот град Сочи во Русија отворени се 22. Зимски олимписки игри…

sochi-5-564x272

Официјално игрите за отворени ги прогласи претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.

Олимпискиот оган на стадионот „Фишт“ го донесе руската тенисерка Марија Шарапова, а го носеа и атлетичарката Јелена Исинбајева, борачот Александар Карелин и гимнастичарката Алина Кабаева за потоа надвор од стадионот на спектакуларен начин да го запалат лизгачката Ирина Родинина и голманот во хокеј на мраз Владислав Третјак.

Свечената церемонија се одржа пред окoлу 40 илјади гледачи. На 22. Зимски олимписки игри ќе настапат рекордни 88 држави и вкупно 2.860 спортисти, а најбројна делегација има домаќинот Русија со 270 спортисти. За првпат во историјата на свеченото отворање, спортистите излегуваа од средината на стадионот.

Македонија ќе биде претставена со тројца спортисти: Дарко Дамјановски, Марија Колароска и Антонио Ристевски. Знамето на Република Македонија на отворањето го носеше Дамјановски за кого ова е трето учество, додека за алпскиот скијач Ристевски ова е втор настап. Шеснаесетгодишната Колароска ќе дебитира на годинашните Олимписки игри во нордиските дисциплини.

Претседателот Ѓорге Иванов во последен момент не отпатува за Сочи да ја бодри македонската репрезентација на отворањето на Игрите, откако беше откриен сериозен дефект во државниот авион.

На годинашните ЗОИ ќе бидат поделени 98 комплети медали.  Олимпијадата во Сочи ќе трае до 23 февруари. Организаторот на игрите вложи огромни средства за изградба на спортските објекти, но и за инфраструктура. Според проценките ова се најскапите олимписки игри во кои се вложени околу 50 милијарди долари, а особено внимание е посветено на безбедноста.

Извор: Faktor.mk