Во интимна, топла и романтична атмосфера во преполната сала на Македонската опера и балет, синоќа се одржа првиот од петте промотивни концерти на поп-пејачката Каролина Гочева која ги промовираше песните од нејзиниот последен музички проект „Македонско девојче 2 “…

_DSC0280Со својата беспрекорна и зрела вокална интерпретација убавата пејачка која на сцената се појави во модерен минималистички стајлинг инспириран од џез-призвукот на песните од албумот кој авторски ги потпиша Никола Мицевски, Каролина потсетуваше на некоја светска музичка дива која настапува во некој реномиран џез-клуб.

Концертот го започна со првата тема од албумот баладата „Кој да ми запее“ која ги растрепери срцата на многубројната публика во МОБ, а потоа ги поздрави присутните и им посака убава концертна вечер.

Потоа следеа големиот хит „Чалгиска“ со која пред неколку месеци го најави албумот  и беше прифатена со воодушевување, а потоа следеа игривите „Вези вези“ и „Смеј ми се смеј“ кои буквално ја разигра атмосферата во МОБ.

Во поемотивниот дел на концертот ги изведе „Сакам да не те сакам“ и актуелениот хит „Две лири“ кој ги разбранува страстите на посетителите и гостите на концертот меѓу кои можеа да се видат и личности од јавниот живот и бизнис елитата.

_DSC0246Со својата сугестивна и моќна интерпретација Каролина не поведе во едно по малку љубовно-меланхолично патешествие збогатено со едно лирско женско писмо кое предизвика своевидна емотивна катарза кај публиката.

Композициите беа обоени во инструменталната џем-сешн  изведба на бендот кој ја придружуваше Каролина на чело со  чело со Оливер Јосифовски (бас), Никола Мицевски (пијано, хармоника) тапанарот Благоја Антовски од бендот „Смат“, трубачот Џамбо Агушев, како и членови од Македонската филхармонија.

Песните од новиот албум ќе ве освојат од прво слушање и долго време ќе ви ја разгалуваат душата, а за Каролина слободно може да се каже дека ова е нејзиниот најголем испит на музичката зрелост кој го помина со највисоки оценки судејќи според коментарите и реакциите на публиката.

Во репертоарот следеа и темите „Ќе пијам  љубов“,  „Сон“ како и преработките на песните „Те видов и се заљубив“ и легендарната „Ако згрешам нека изгорам“ оригинално испеана од македонската музичка легенда Пепи Бафтировски, за која пејачката искоментира дека отсекогаш сакала да ја испее, а публиката со аплаузи и пеење и се придружи во изведбата.

На концертот Гочева потсети и на темите од првиот дел на „Македонско девојче“ , и ги испеа „За кого“ , „Птицо малечка“, „Пролет, лето, есен, зима“, „Скопска магла“ , „Ружа ружица“, Не си го продавај Кољо чифликот“, „Се посврши Сербез Донка“ и „О Јано, Јано“  кои беа прифатени со воодушевување кај публиката и со аплаудирање ја поздравија нејзината изведба.

Откако публиката ја повика на бис со аплаузи Каролина по барање на публиката ги отпеа уште еднаш актуелните „Чалгиска“ и „Две лири“ на кои публиката стоеше на нозе и ги пееше во еден глас.

По синоќешниот  концерт од маратонската промоција на „Македонско девојче 2“ во МОБ ќе бидат одржани уште пет последователни концерти.

_DSC0319

_DSC0233

 

Извор: Plusinfo.mk