На 22 февруари (сабота) со почеток од 14.30 минути ќе се одигра контролен натпревар помеѓу екипите на ФК Брегалница од Делчево и тимот на Саса од Македонска Каменица.

bregalnica

Во подготвителниот период пред почетокот на пролетниот дел од сезоната  на 3ФМЛ – исток, тимот на делчевска Брегалница до сега има одиграно четири контролни натпревари, на кои забележа само една победа против тимот на Саса на гостински терен со резултат 0 – 3. На другите три натпревари одигра идентични 1-1 со тимовите на Осогово и Тиверија, додека 0-0 на гостински терен со тимот на Слога од Виница, кој е еден од конкурентите за првото место на табелата.

Почетокот на пролетниот дел во 3ФМЛ – Исток е закажан за 9 – ти март. До крајот на овие подготовки Брегалница покрај натпреварот со Саса, ќе одигра уште еден против тимот на Осогово.

Првиот дел од сезоната Брегалница го заврши на шестата позиција со 21 бод, а исто толку има и тимот на Плачковица кој се наоѓа на петтата позиција. На чело на табелата е струмичка Беласица со 34 бодови.