Одлагање на планираните измени во Законот за лекови и медицински помагала, бараат од Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки во Сојузот на стопански комори (ССК).

apteka

Според нив, се работи за клучно законско решение од кое зависи опстанокот на фармацевтската фела. Особено реагираат на одредбите кои предвидуваат да нема капитално управувачка или роднинска поврзаност меѓу сопствениците на веледрогерии и на аптеки.

„Ваквата законска одредба нема економски ефект за никој, а напротив кај тие фирми, кај кои веќе постои капитална поврзаност во истите со години се инвестирало, преземени се договорни обврски, вклучувајќи и банкарски кредити со домашни и странски банки, банкарски гаранции, кои што зависат и од сопственичката структура. Доколку се реализира ова постои реална можност стотици вработени да останат без работа, т.е да предизвикаме дополнителен негативен ефект врз економијата во Република Македонија“, велат од Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки во ССК.

Дополнително, Групацијата смета дека не може правно лице регистрирано за промет на големо со храна, пијалаци, тутун и нафтени деривати, да продава и лекови.

„Со ова се поставува прашањето дали надлежноста на бензинска станица се поистоветува со дејноста на веледрогерии и аптеки. Односно се дава простор на гранки кои имаат друга основна дејност да ја зголемат можноста за заработка на сметка на веледрогериите и аптеките на кои основна дејност им е промет и издавање на лекови. Во поглед на заштита на граѓаните и нивното здравје се остава простор при издавање на лекови од страна на вработените во продавници за храна, пијалаци и тутун или бензински пумпи да се направи грешка при издавање и да се издадат фалсификат лекови т.е да се остави простор за злоупотреба на купените лекови. Сметаме дека инспекциската служба при Бирото за лекови  едноставно физички нема да може да ја покрие контролата на теренот на сите продажни места“, стои во соопштението од Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки во ССК.Заради овие причини, фармацевтите бараат одлагање на измените и формирање на комисија која ќе ги разгледа сите аспекти и ќе понуди квалитетно законско решение.

Извор: Faktor.mk