Претсседателот на Собранието Трајко Вељаноски утре ќе ги распише претседателските избори и ќе соопшти на кој датум ќе се одржат.

veljanovski

Во интервју за МИА, Вељаноски вели дека се уште е рано да се каже дали заедно со претседателските, ќе има и вонредни парламентарни избори.

„Во конкретниот случај имаме редовни претседателски избори кои треба да се одржат во периодот од 12 март до 12 мај и јас утре, во сабота на 1 февруари ќе ги распишам и ќе го одредам датумот на одржувањето на претседателските избори. Во однос на прашањето дали ќе има или ќе нема предвремени парламентарни избори, тоа не е во моја надлежност како претседател на Собранието. Тоа е надлежност на Собранието, кое треба прво да се самораспушти за потоа да се одржат предвремени парламентарни избори. Во овој момент можам да кажам дека утре ќе бидат распишани претседателските избори“, рече Вељаноски.

Согласно Уставот, за предвремени парламентарни избори, мнозинството пратеници во Парламентот треба да се изјаснат за распуштање на овој состав. Доколку има само претседателски избори, Собранието нема да одржува седници нешто повеќе од еден месец пред првиот круг. Според Вељаноски, законодавниот дом засега работи нормално.

„Тоа само покажува дека ние не смееме да бидеме под влијание на моменталната атмосфера. Законите, односно одлуките што треба да ги носи Собранието не смеат да бидат под влијание на вештачки или на некој друг начин создадена атмосфера во јавноста“, вели претседателот на Парламентот за МИА.

„Се надевам дека изборите ќе поминат во една демократска и мирна атмосфера и народот ќе одлучи онака како што смета“, рече Вељаноски.

Извор: Faktor.mk