Утре почнува 20-дневната кампања за претседателските избори закажани за 13 април на кои ќе се натпреваруваат четворица кандидати за шеф на државата…

dik

Граѓаните ќе одлучуваат помеѓу актуелниот претседател Ѓорге Иванов, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Зоран Поповски од ГРОМ и Илијаз Халими од ДПА.

ВМРО-ДПМНЕ претседателската кампања ќе ја започне во Охрид, од каде редовно ги започнува своите изборни активности. За време на кампањата за претседателските избори и скратената за пет дена за предвремените парламентарни избори, партијата ќе одржи повеќе митинзи, како и мали митинзи и средби со граѓаните од целата држава. Иванов денеска во Скопје ќе ја претстави својата програма за претстојните избори.

На утрешната Конвенција во Универзалната сала во Скопје СДСМ ќе го промовира својот претседателскиот кандидат Пендаровски. Од опозициската партија велат дека овој пат кампањата ќе биде поинаква од претходните и дека повеќе ќе се фокусираат на средби со граѓани, но оти ќе има и митинзи. Присутни се и на интернет, а ги користат и социјалните мрежи.

ГРОМ и кандидатот за претседател Зоран Поповски кампањата ќе ја почнат во трговскиот центар „Лептокарија“, во Општина Карпош во Скопје, каде во 19 часот ќе одржат голем централен митинг. Партијата најавува дека ќе води исклучиво позитивна кампања, без навреди и говор на омраза. Застапени ќе бидат сите форми на комуникација со граѓаните. Поповски, а потоа и носителите на листите за предвремени избори ќе имаат свои фан страници на Фејсбук, како и твитер профили.

И од ДПА најавуваат друг тип на кампања, со повеќе средби со граѓани и без масовни митинзи. Како што велат, повеќе ќе се оди на принципот од врата до врата. Нивниот кандидат Илјаз Халими,  утре во 18 часот заедно со своите сопартијци ќе ја претстави својата платформа на митинг во скопски Чаир.

Првиот круг на петтите претседателски избори ќе се одржи на 13 април, додека вториот круг од изборите на 27 април, за кога се закажани и предвремените парламентарни избори.

Извор: Plusinfo.mk