
Уставниот суд не е надлежен да ја оценува постапката за носење на буџетот за 2013-та година, кој власта го донесе сама, откако од собраниската сала беа исфрлени пратениците од опозицијата и новинарите.
Вака пресекоа уставните судии денеска, со образложение дека важноста на овој буџет била до 31 декември 2013 и овој документ веќе нема правна важност, па не постои ниту правна основа да се разгледува.
Во иницијативата беше оспорен начинот на кој беше донесен буџетот за 2013 -та на кој немаше потпис од претседателот на комисијата надлежна за неговото разгледување.
“Иницијативата беше доста оскудна, но рефератот од кој произлегува решението треба внимателно да се состави. Фокусот беше врз процедурата. Ние имавме прашање како Уставен суд – дали сме надлежни да ја гледаме процедурата за донесување на буџетот или не“, вели Наташа Габер – Дамјановска, судија во Уставниот суд.
Втората причина за отфрлање на иницијативата е што донесувањето на буџетот во собраниските комисии било уредено со деловникот на Собранието, а за неговото прекршување не бил надлежен Уставниот суд.
Извор: Faktor.mk