
Премиерот Никола Груевски вели дека деновите пред избори не се важни за да се формира мислење од граѓаните, но наспроти ова што го зборува, троши еден куп пари за купување на нивните гласови, обвини СДСМ…
Потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов, со многу бројки откри што всушност се прави непосредно пред изборите.
-Во 2011 година кога имаше предвремени парламентарни избори, месечните буџетски издатоци за социјална помош во сите месеци од таа година, во просек изнесувале околу 390 милиони денари. Но, во месецот токму пред одржувањето на изборите – во мај, а изборите беа во јуни, буџетските издатоци за социјална помош изнесувале 891 милиони денари. Тоа е пораст од 2,3 пати токму во периодот на предизборната кампања – објасни Узунов.
За купување на предвремените парламентарни избори во 2011 и на локалните избори во 2013 година, владата ги искористила и буџетските трансфери за субвенции и другите еднократни годишни буџетски трансфери.
– Во 2011 година кога имаше предвремени парламентарни избори, иако месечните буџетски издатоци за субвенции и за други еднократни годишни буџетски трансфери во сите месеци, во просек, изнесувале околу 1, 7 милиони денари, во месецот пред одржувањето на изборите тие изнесувале 3,7 милиони денари. Кај локалните избори во 2013 година, таквата ситуацијата е уште подрастична. Овие месечни издатоци во просек изнесувале 1,9 милиони денари, но истите, токму во месецот на одржување на изборите – март 2013 година – изнесувале 4,791 милиони денари – посочи Узунов.
Тој потсети дека СДСМ предложи препораки кои од неодамна беа преточени во измени на изборното законодавство. Во делот на „одвојувањето на власта од партијата на власт“ и злоупотребата на буџетски трасфери, пред сè заради спречување на можностите за купување на изборите, новините во Изборниот законик се: „Секој што ќе исплати социјална помош, субвенции, плати, пензии или било какви еднократни или едногодишни трансфери од буџетски средства или од било кои јавни фондови, од распишување на изборите до нивното завршување, ќе одговара со казна затвор од 3 до 5 години.Сите буџетски исплати во текот на изборниот процес мора да бидат јавно објавувани во посебна база за буџетски трошоци“.
– Сега власта е на потег. Само целосната примена на овој нов изборен закон може да гарантира услови за одржување на фер и демократски избори. Господине Груевски, добрите политичари, навистина, не се ценат само според нивните постапки пред избори. Но сега, со обелоденувањето на овие податоци и факти, граѓаните точно ќе знаат дека тоа не се однесува на вас – рече Узунов.
Извор: Plusinfo.mk