
Како што претходно беше најавено, на Конгресот на УЕФА во Казахстан е потврдено дека од 2018 година ќе стартува новото натпреварување, кое ќе се нарекува Лига на нации.
Учесниците на завршниот турнир од Лигата на нациите би избориле директен пласман на Европското првенство во 2020-та година, со што баражот би се укинал, а подоцна овие селекции би можеле да се вклучат во квалификациите за СП во 2022-та година.
„Ова е многу важна одлука кога станува збор за иднината на фудбалот на ниво на националните тимови“, изјави претседателот на УЕФА, Мишел Платини.
Форматот на натпреварувањето се уште не е прецизиран, но првично е одлучено 54 европски селекции да бидат поделени во четири дивизии, а натпреварите да се одржуваат од септември до ноември 2018-та година.
Дванаесет најдобри тимови би играле во четири групи составени од три тимови во Дивизија А, а победниците одат во финале. Потоа групите за квалификациите за ЕВРО 2020-та би се натпреварувале до ноември 2019-та година.
Составот на првичните дивизии би се определил според пласманот на ФИФА листата само за европски репрезентации. Македонија се наоѓа на 37-то место на оваа листа, што значи дека во Лигата на нациите би била сместена во третата дивизија.
Извор: Sportski.mk