
Министерот за здравство Никола Тодоров на денешната сесија за пратенички прашања најави дека ќе го раскине договорот за набавка на медицинска опрема од фирмата „Висарис“, сопственички поврзана со новинарката Ивона Талевска.
На пратеничко прашање од Оливер Спасовски од СДСМ, кој запраша дали министерот знаел која е фирмата со која го склучува договорот, Тодоров одговори: „Јас договорот со фирмата „Висарис“ ќе го раскинам!“
Според министерот, тој не можел да знае дека фирмата „Висарис“ шест месеци откако го добила тендерот преминала во сопственост на мајката на новинарката Талевска, а инспекцискиот надзор не регистрирал никакви правни пречки за набавката да се реализира.
„Сепак тендерот ќе го поништам од етички принципи, но барам и претседателот на СДСМ, Зоран Заев да ги раскине сите договори со фирмите од своите блиски. Знам дека ќе речете ’ме фатија’, ама ние секогаш кога ќе видиме дека има неетичко работење, преземаме мерки. Дали ова начело на етичност важи и за лидерот на опозицијата?“, рече Тодоров.
Извор: Think.mk