
Вкупно 112 закони по скратена постапка се ставени на дневниот ред на денешната собраниска седница. Од Владата нема објаснување која е потребата толку многу закони да се носат одеднаш и тоа по скратена постапка.
Опозицијата процедурално побара одговори. „Дали е државата во воена или вонредна состојба за која не знаеме штом се носат 112 закони по скратена постапка во еден ден?“, праша Горан Мисовски од НСДП.
„Ваквиот потег на Владата е со единствена намера, да се прикријат катастрофалните измени на Законот за државни службеници“, смета Горан Сугаревски од СДСМ.
„Во законите предвидени за денешниот дневен ред има одредби кои се дискирминаторски за Албанците во однос на правичната и соодветната застапеност, како и на употребата на албанскиот јазик“, вели Имер Алиу од ДПА.
Собранискиот спикер Трајко Вељаноски одговори дека негова надлежност е само да ги стави законите на дневен ред, а пратениците треба да одлучат дали ќе ги прифатат.
„Никој тука не може да го ограничува правото на предлагање. Минатата собрансика седница Вие поднесовте два закона по скратена постапка кои ги ставив на дневен ред и беа разгледани. Тоа е моја должност“, рече Вељаноски.
Оливер Спасовски од СДСМ бара од ВМРО-ДПМНЕ да каже која е причината што секогаш пред избори огромен број закони се носат по скратена постапка.
Извор: Faktor.mk