Медиумскиот скандал сé шири, изјави на денешната прес-конференција Петре Шилегов, порппарол на СДСМ…

silegov-dokumenti

Тој додаде дека градски парк, Градски стадион ББ, Скопје, не е седиште само на телевизија Сител.

– Не е седиште само на семејната фирмата „Висарис МКД“ на Ивона Талевска добинтик на милионскиот тендер во здравството. На Градски стадион ББ не може да се изброи кои се фирми постојат, колку се во фаза на бришење а колку биле основани па ликвидирани.

Сопственици на неколку фирми се или биле:

– главниот и одговрен уредник на телевизија Сител, еден од најголемите медиумски поддржувачи на власта и куќен пријател на Груевски, господинот Драган Павловиќ Латас и

– неговата соработничка и омилената уредничка на Никола Груевски, бизнисменка, Ивона Талевска.

Ова се официјални документи од Централниот регистар на Република Македонија, изјави Шилегов.

Тој додаде дека Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска се основачи на СМАРТ АНАЛИТИКС Скопје, субјект регистриран како Здружение за анализа и истражување на пазарот. Згора на сé, рече Шилегов, Ивона Талевска во СМАРТ АНАЛИТИКС е овластено лице и тоа со неограничени овластувања.

Седиште на овој субјект е Градски Парк, Градски стадион ББ, Скопје, рече тој.

– Главниот и одговорен уредник на вестите на Сител, Драган Павловиќ, е еден од основачите на фирмата „ТОТАЛ МЕДИА ДОО Скопје“, веќе во фаза на ликвидација. Седиште: Градски стадион ББ, Скопје.

Куќниот пријател на премиерот Никола Груевски, уредникот Латас, и партнерката уредничка и бизнисменка, Ивона Талевска, се меѓу основачите и на повеќе правни субјекти кои се водат како избришани во Централниот регистар а чие што седиште е Градски стадион ББ.

Латас, според овие документи бил меѓу основачите во друштвото за комрецијални услуги „ЛИНЕА МЕДИА ДОО Скопје“, на здружението за развој на младинско општество „МЛАДИНСКИ ЛИДЕРИ-Скопје“, и фирмата „ТОТАЛ МАРКЕТИНГ АГЕНЦИЈА ДООЕЛ-Скопје“.

Ивона Талевска се јавува како овластено лице во субјектот „Коперник асоциатион Скопје“, здружение за младинско општество, демократија и европски вредности, адреса Градски парк, Градски стадион ББ, Скопје.

Како основач Ивона Талевска фигурира и во „Смарт центар ДООЕЛ“ експорт-импорт, со приоритетна дејност „огласување преку медиуми“ која исто така се води на Градски парк, Градски стадион ББ. Двете фирми се избришани од Централниот регистар во текот на минатата година.

Овие информации потврдуваат регистрирање на низа субјекти на една иста адреса, Градски стадион ББ, Скопје, официјалната адреса и на Сител телевизија. Ова упатува на мега медиумска афера и можна бизнис спрега на релација власт медиуми, рече Шилегов.

Тој праша што се работеле овие новинари-уредници, преку овие фирми, паралелно со новинарската професија и за чии интереси?

– Премиере Никола Груевски уште ли ќе молчите? Во името на основните демократски вредности, во името на слободата на изразување и во името на борбата против корупцијата во медиумите излезете пред македонската јавност и одговорите: Што се случувало и се случува на Градски стадион ББ? – праша Шилегов.

Извор: Sky.mk