Единствениот и незаменлив Сашко Коцев, со својата умешност за хумор и сатира, и оваа година не поштеди никого за да ја насмее публиката во Универзална сала, која последен пат во сегашниот облик – наскоро почнува изградбата на новиот објект – беше домаќин на прочуената манифестација…

zlatna-bubamara-na-popularnosta-12Седумнаесеттото издание на долгоочекуваната манифестација Златна буба мара вчеравечер беше спектакл проследен со иронија и гламур – и веќе споменатата сатира на на Сашко Коцев. Сара Мајс и Тамара Тодеска уште еднаш докажаа дека сексапилот и раскошната убавина се уште се присутни на македонската сцена. Даниел Кајмакоски пречекан со огромни овации и мечиња. Северина со само еден потег на нејзиниот задник ја „заврте“ Универзална сала. Цацко најдобро отслика што значи еколошка средина, давајќи и значење на полов орган.

„Стјуардесата“ Катарина Ивановска со нејзиниот раскош и сексапил ја засени сцената на Универзална со нејзините фамозни чекори и насмевка од милион долари. Човекот за кој се врзуваат многу приказни за неговиот живот, кој важи за еден од ретките шармери и љубов на многу женски срца, Игор Џамбазов, со далматинска песна ја најави ѕвездата на вечерта Северина. Нејзината појава предизвика овации кај публиката, – се појави во фустан од модните писти на Милано.

Отприлика ваква беше атмосферата на годинашната манифестација, за која во последен момент се донесе одлука да се одржи во Универзална сала, наместо во „Борис Трајковски“. Спектаклот под мотото „Духовна терапија“ почна со песната „ Ќе дојдеш ли на рандеву“, која што датира од 1964 година.

Наградата за животно дело му припадна на Драган Каранфиловски – Бојс, со чии песни беше отворена годинашната „Златна буба мара на популарноста“. Маестро Зоран Џорлев ја доби наградата за албум на годината „Гласот на виолината“, додека  Илина Арсова, единствената Македонка Монт Еверест досега, ја доби наградата за спортист на годината. За најдобра емисија беше избрана „Билките на баба Рада“ на македонски терен, за најдобра музичка ТВ- емисија беше прогласена „Еден бакнеж“ на ТВ Алфа.

Наградата за концерт на годината, албум на годината и балкански концерт на годината отиде во рацете на ѕвездата на вечерта Северина. Со огромни овации и громогласен аплауз беше повикан на сцена Даниел Кајмакоски за да му се додели наградата за откритие на годината. За најдобар спот на годината беше избран спотот на Тони Зен, додека Игор Џамбазов доби „Златна буба мара“ за концерт на годината. Икс – фактор како популарно музичко шоу ја доби наградата за балкански проект на годината.

Театарската претстава „Вечна куќа“ беше прогласена за претстава на годината, Сара Мајс, која што ја засени сцената со нејзината појава, ја доби наградата за најперспективна пејачка на годината, додека Тамара Тодевска се закити со наградата за пејачка на годината. Беа доделени уште неколку други награди кои отидоа во рацете на млади и надежни уметници и актери.

Амбициите на Ранко Петровиќ ова шоу да стане релевантна и гламурозна балканска манифестација се потврдија со наградите и присуството на повеќе потврдени и докажани екс ЈУ – ѕвезди, музичките настапи на учесниците од реалното музичко шоу Икс – фактор, како и присуството на македонските врвни и докажани пејачи, артисти, музичари, политичари и, секако, присуството на публика која знаеше во секој момент да оддаде почит на секоја ѕвезда која што се појавуваше на сцената од Универзална сала.

Темата на годинашната „ГМО Бубамара“ беше главно екологијата, односно маглата, која што беше неизоставен дел од хуморот на Сашко Коцев, по малку за Скопје 2014, многу повеќе за пензионерите на скијање, но секако и по нешто за Ноевите арки на Вардар. Но,стендапот на Сашко Коцев не се прераскажува, тој треба да се доживее – публиката во Универзална сала се смееше до солзи. Тој и оваа година не ги поштеди политичарите од својата острица.

Меѓу присутните во публиката беа политичарите од двете најголеми политички партии, а меѓу уметниците, покрај наградените, присуствуваа и Викторија Лоба, Дани, Катарина Ивановска, момците од К-15, Наум Петрески, Зуица Лазова, Виолета Томовска, внукот на Тоше Проески, Кристијан, Трендо, момците од Нокаут, Александар Митевски и многу други.

Ранко Петровиќ на самиот почеток на манифестацијата ги повика сите новинари и фоторепортери да бидат дел од последната слика на Универзална сала, пред таа да биде облечена во ново руво. За таа цел тој им упати порака до сите фоторепортери да ја сликаат најубавата слика и да ја пренесуваат како ретро издание во наредните генерации.

Колку и да изгледа тешко да се присуствува на еден ваков настан, сепак претставува и задоволство. Тричасовна смеа до солзи, без разлика на здрвениот рбет, секако „залепи“ насмевка на лицата на сите кои вчеравечер беа во Универзалната сала.