Генералниот секретар и шеф на Изборниот штаб на СДСМ, Оливер Спасовски, попладнево истакна дека денеска извршниот одбор на СДСМ едногласно одлучил професорот Стево Пендаровски да му го предложи на партискиот централен одбор како единствен кандидат за претседател…

StevoPendarovskiPress

– Стево Пендаровски е човек со углед, со личен морален и професионален интегритет и општествен авторитет, човек од доверба и човек со визија за просперитетна иднина на граѓаните на Република Македонија. Јас и СДСМ сме убедени дека Стево Пендаровски е човекот што ќе ја добие поддршката од граѓаните на Македонија и ќе биде идниот претседател на Република Македонија – рече Спасовски.

Тој истакна дека постапката за предлагање и евидентирање на кандидатите е спроведена во сите 76 општински организации на СДСМ.

– Беа предложени вкупно 26 кандидати од општинските организации. Во тесен круг беа осуммина кандидати. Професор д-р Стево Пендаровски е предложен од сите општински организации на СДСМ. Во оваа прилика го искажувам моето огромно задоволство од спроведената демократска процедура и капацитет на Социјалдемократскиот сојуз – изјави Спасовски.

Генералниот секретар на СДСМ потенцираше дека секој од предложените кандидати за претседател на државата поседува сопствен личен и професионален квалитет и интегритет достоен за извршување на функцијата претседател на Македонија.

– Сите предложени кандидати се богатството и потенцијалот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и на Република Македонија – истакна Спасовски.