Пратеничката на ВМРО ДПМНЕ Силвана Бонева крие стан вреден 180.000 евра во центарот на Скопје и не го пријавила Антикорупциската комисија, обвинуваат од СДСМ.

silvana-boneva-e

Станот на улицата Димче Митрев број 20, спроти зградата на МВР, со површина од 109 метри квадратни и подрум од 44 метри квадратни, бил во сопственост на синот на Бонева, Орце Бонев, тврди опозицијата.

„Еве го Имотниот лист на синот на Силвана Бонева, Орце Бонев, достапен преку интернет. Тој покажува дека на улица Димче Мирчев број 20, синот на Силвана Бонева е сопственик на стан од 109 квадрати, вреден преку 150 илјади евра, со подрум од 44 метри квадратни со пазарна вредност од околу 22 илјади евра. Значи Орце Бонев нема само дел од заштедата од 375 евра што ја пријавила во Анкетниот лист неговата мајка, координаторка. Тој има и стан од околу 180 илјади евра, што Силвана Бонева, го крие“, изјави портпаролот на партијата Петре Шилегов.

Во анкетниот лист, Бонева на нејзино име пријавила автомобил опел Астра, девизни заштеди од 7 илјади евра на нејзина книшка и 10 илјади евра на штедна книшка на сопругот, куќа од 82 квадрата во Струмица, како и имот на родителите и заштеда на име на своите деца од 375 евра.

Според Бонева, обвинувањата за криење на имот се лажни и злонамерни со цел да му се наштети на нејзиниот углед, угледот на нејзиното семејство и на угледот на партијата.

„Силвана Бонева не крие ништо ни од Антикорупциската комисија ниту пак од јавноста – секоја промена во мојот Анкетен лист е уредно пријавена, евидентирана и достапна на јавноста“, се вели во реакцијата.

Таа истакнува дека на 26.07.2013 год поднела Пријава за промена на имотната состојба до Антикорупциска комисија, со која известила дека сиот недвижен имот на нејзиниот сопруг содржан во претходниот Анкетен лист стекнат со наследство, сопругот ги подарил на нивните синови, кои не живеат повеќе во заедничко семејно домаќинство со родителите.

Притоа Бонева потсетува дека според Законот за спречување на корупцијата имот на нејзините деца престанал да биде составен дел од нејзиниот Анкетен лист, откако не живеат повеќе во заедничко домаќинство. Таа побара од Шилегов да се извини за навредите.

Извор: Faktor.mk