Опозициската СДСМ бара од министерот за здравство Никола Тодоров итно јавно да ги објави сите документи поврзани со тендерот за набавка на медицинска опрема со фирмата „Визарис“ во сопственост на мајката на уредничката на Сител и Вечер Ивона Талевска.

sdsm

„Признанието на Тодоров, дека имало промени во сопственоста на фирмата го отвора прашањето колку тендери во Министерството за здравство, и останатите државни институции се доделени на овој начин? Додели го тендерот па потоа ќе се покажат вистинските сопственици на фирмата”, рече портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

Според опозициската партија, нема никаква логика сопственици на компанија која добила бизнис од милион евра само неколку месеци подоцна да ја подарат доминатната сопственост на мајката на Ивона Талевска.

„Бидејки Тодоров збунето призна дека случајот бил ‘малку неетички’, му укажуваме на министерот за здравство и неговиот претпоставен Никола Груевски, дека за ваков скандал, кој отвора медиумска корупција од невидени размери, во нормална демократска држава паѓаат влади”, рече Шилегов.

Портпаролот на СДСМ побара објаснување за целиот случај и од премиерот Никола Груевски.

Тодоров вчера нагласи оти нема ништо незаконско во договорот за набавка на медицинска опрема од „Визарис“, иако призна оти целиот случај е „малку неетички“ и најави дека ќе испита како дошло до промена на сопственоста во компанијата.

Извор: Faktor.mk