
Играчот на Металург, Ренато Вугринец, од страна на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), доби дозвола во иднина да настапува за македонската репрезентација…
Вугринец требаше да го носи дресот на Македонија и на Европското првенство Данска, но тогаш Европската ракометна федерација не ги прифати аргументите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и не му дозволи на десниот бек да настапи на континенталното првенство.
РФМ потоа се обрати до повисоката инстанца, во случајов ИХФ, од каде беа прифатени аргументите дека Вугринец може да игра за Македонија.
„По темелно толкување на Правилникот за играње, констатираме дека Ренато Вугринец ги исполнува сите барани услови за да смее да ја претставува Македонија. Затоа тој има право да игра за репрезентацијата на Македонија, а оваа одлука е ефективна веднаш“, стои во дописот на ИХФ до РФМ.
Ова значи дека искусниот ракометар ќе може да го носи дресот на Македонија на бараж мечевите против Грција, преку кои избраниците на Ивица Обрван ќе ‘бркаат’ пласман на Светското првенство во Катар.