
Алијансата останува на својата одлука да ја покани Македонија како член, но дури откако ќе биде најдено заедничко решение за спорот со името, е пораката на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, по средбата со премиерот Никола Груевски во седиштето на Алијансата во Брисел…
– Се согласивме поканата да ви ја дадеме штом ќе се најде заеднички прифатливо решение за името и на тоа стоиме. Работиме со вас да ви помогнеме во реформските напори за да може да се оди побрзо кога спорот ќе биде решен. Ве охрабруваме да вложите напори за да го решите името – рече Расмусен.
Тој истакнадека има уште работи што треба да се направат освен спорот со името, односно дека Македонија ќе мора да покаже и демократски ефикасни структури, слобода на медиумите, добри односи помеѓу власта и опозицијата.
– Денеска имав можност за конструктивна и продуктивна средба со Расмусен. Разменивме мислења за остварениот напредок во процесот на евроатлантската интеграција на Република Македонија, во рамки на акцискиот план за членство и политичко-безбедносните прашања од заеднички интерес во пресрет на Самитот на НАТО, што на 4 и 5 септември ќе се одржи во Велс. Во оваа прилика ги прецизирав и резултатите на нашата земја во реализацијата на севкупните реформски процеси со посебен акцент на политичко-економските и одбранбените реформски постигнувања – рече Груевски на заедничката прес конференција со првиот човек на Алијансата.
Македонскиот премиер Никола Груевски се повика на Хашката пресуда во процесот против Грција каде Македонија доби позитивно мислење и додаде оти на Македонија и е заслужено членството во НАТО.
Расмусен, пак, истакна дека одлуката на Хаг не ја менува позицијата на НАТО.
– Нашите правила се јасни и сите одлуки се донесуваат со консензус – рече Расмусен, подвлекувајќи дека вратата на НАТО останува отворена.