Цели 20 години се најавува изградбата на пругата кон соседна Бугарија. Еден од најскапите инфраструктурни проекти, чија вредност се проценува на речиси половина милијарда, започна да се реализира денеска од местото Клечовски Мост, кај Куманово.

gruevski_lopata

Проектот за пругата Куманово-Бељаковце, долж Коридорот 8, предвидува целосна реконструкција на постојната пруга во должина од околу 31 километар, изградба на три железнички станици, шест стојалишта, повеќе надвозници и подвозници, изградба на мост над Пчиња, обновување на постојните мостови, инсталирање на кабелски водови, огради, заштитни бариери и нови сигнално сигурносни уреди.

Ќе се реализира во три фази – првата фаза ќе чини околу 46 милиони евра, втората – 145 милиони евра, а за третата фаза ќе се користат средства од Европската банка за обнова и развој, од Европската инвестициска банка и од ИПА-фондовите на ЕУ.

„Најголемиот дел од пругите во Македонија се направени пред повеќе од сто години за време на отоманската империја. Како за пример железничката пруга Скопје – Гевгелија е изградена 1873 година, а железничката пруга од Скопје до Табановце во 1887. Од тогаш па наваму многу малку е инвестирано во изградбата и рехабилитацијата на железничката инфраструктура во нашата држава“, изјави премиерот Никола Груевски, кој го означи стартот на работите и најави дека со овој проект тоа ќе се смени.

Сепак, за опозицијата ваквите најави се само предизборни ветувања. „Груевски се сети дека треба да се гради нова железница пред избори. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се на власт цели 8 години и досега немаат изградено ни едно метро нова железничка линија. Нула километри нова железничка мрежа е вкупниот учинок на Никола Груевски за цели 8 години. Делницата од Куманово до Клечовце беше целосно изградена кога на власт беше СДСМ. Денеска оваа пруга е уништена. ВМРО ДПМНЕ не само што не изгради нова железничка линија туку не успеа да го сочува ниту претходно изграденото“, се вели во писмената реакција на СДСМ.

Извор: Faktor.mk