
Денес сè помалку луѓе во текот на денот успеваат да одвојат повеќе од пет минути лично за себе. За среќа, постојат некои мали нешта кои за многу краток рок можат да ви помогнат да се опуштите и да го намалите секојдневниот стрес…
Големиот број на обврски, преголемите очекувања и забрзаното темпо на живеење не ни дозволуваат да заминеме на одмор секој пат кога нам ни е потребен, ниту пак секогаш можеме да пронајдеме доволно време за медитација, читање или прошетки како би можеле да го исфрлиме насобраниот стрес. Ви нудиме неколку едноставни совети кои ќе ви помогнат за само пет минути или помалку да успеете потполно да се опуштите.
Затворете ги очите
Ако можете да ги затворите очите, сè е во ред. Одморете се од гужвата во канцеларијата и сите непријатни случувања во вашиот дом така што на само неколку минути ќе ги затворите вашите очни капаци. Ова ќе ви помогне да се смирите и фокусирате на важните нешта.
Ставете ги зглобовите под ладна вода
Стресот може да го намалите и ако со ладна вода ги освежите зглобовите на рацете и подрачјето под ушните ресички. Тука се сместени главните артерии токму под кожата, па со разладување на овие подрачја ќе си помогнете да си го намалите стресот.
Исчешлајте се
Иако сте задоволни со вашата фризура, повлекувањето на четка низ вашата коса би можело и тоа како да ве релаксира. Репетитивните активности како што се чешлањето, плетењето или миењето на садови, му помагаат на телото да се опушти.
Решавајте крстозбори
Малите задачи кои бараат високо ниво на концентрација ќе ви помогнат да престанете да размислувате за нештата кои ве загрижуваат.
Трчајте во место
Ако немате време ниту можност за некоја долготрајна физичка активност, тогаш едноставно трчајте во место неколку минути да би го подигнале нивото на ендорфин. Дури и кратка физичка активност помага во борбата против стресот.
Грицнете чоколадо
Само 40 грама чоколадо се доволни за да го поправат вашето расположение. Темното чоколадо го регулира нивото на кортизол и го стабилизира метаболизмот.