Последната вест која стаса е дека адут на владеачката ВМРО ДПМНЕ на претстојните претседателски избори е повторно Ѓорѓе Иванов.

ivanov na svadba

Наводно голем број врвни македонски интелектуалци, академици, професори, лекари, свештени лица, уметници, спортисти се потпишале на Иницијативата која ќе биде упатена до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во која се бара повторен избор на актуелниот претседател на РМ. Дел од наводно потпишаните демантираа дека ставиле таков потпис, но во меѓувреме свој потпис ставија и високи партиски функционери на владејачката партија. Како и да е, со оглед на фактот дека петгодишниот мандат на Иванов истекува, прашањето кое неминовно се наметнува е по што ќе го паметиме Иванов, во изминативе пет години.

На претседателската фотеља дојде носен на крилјата на ВМРО ДПМНЕ, во време кога владеачката партија го имаше најголемиот пик на доверба од граѓаните во 2009 година, една година по дебаклот во Букурешт, Романија на самитот на НАТО Алијансата. Иако, тогаш беше извесно дека партијата на власт кого и да подржи на претседателските избори ќе ја добие подршката од граѓаните. Иванов во вториот круг го победи противкандидатот од редовите на СДСМ, Љубомир Фрчковски. Иако Иванов на дуелите со Фрчковски не брилјираше, сепак беше извесно дека ќе ја однесе победата на претседателските избори во 2009, без разлика на неговата неубедливост. „Космодиск демократија – шашаво е, ама функционира“, кажа Иванов и тргна во поход, наречен – шеф на државата.

„Албански бојкот“ на инаугурацијата

Горчлив впечаток остави и отсуството на „албанскиот фактор“ на неговата инаугурација, а веднаш потоа и изјавата дека „албанскиот бојкот“ е неважен за неговиот легитимитет.

Разумен компромис, си е разумен компромис

Претседателската кариера ја започна неславно, иако многумина не очекуваа таков гаф од универзитетскиот професор кој претходно коментираше, но и даваше солидни анализи за политичките текови.

„Разумен компромис, си е разумен компромис. Не знам како да ви објаснам“, рече Иванов во својата прва изјава пред новинарите на прашање поврзано со спорот за името со Грција.

Наместо по светот, Претседателот шеташе по Паљурци

Со голем потсмев уште се прераскажува посетата на шефот на државата Ѓорге Иванов во Паљурци, кај Богданци. Подоцна дури  од Ватикан за медиумите ја раскажа досега непознатата за јавност историска приказна за Паљурци. Според него, на местото каде што во 59-тата година апостолот Павле бил во Македонија векови подоцна бил изграден католички манастир, а во него безбедно се криеле македонските револуционери. За ова благодарност испратил и идеологот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев во писма во пловдивскиот бискуп. Токму затоа ќе се памети оценката на Иванов дека западната цивилизација тргнала од селото Паљурци крај Богданци.

Во Турција на свадба кај синот на најпознатиот турски бизнисмен

Во 2012 година во рамките на посетата на Турција, претседателот Ѓорге Иванов беше на свадба на синот на најпознатиот турски бизнисмен Џеваир. („Џеваир Холдинг“ е фирмата која ги гради висококатниците во општина Аеродром)

Иванов со сопругата и турскиот претседател Абдула Ѓул беа на венчавката на синот на еден од најпознатите турски бизнисмени, Ибрахим Џеваир, сопственикот на компанијата „Џеваир Холдинг“. Свадбениот подарок од семејството Иванови била рачно изработена дрвена резба.

Му замерија и за хунзите

Во мандатот на Иванов место заземаат и хунзите. Имаше најава дека  на околу три хектари земја ќе се распостила кралскиот комплекс на потомците на Александар Велики. Палатата за кралот  на Хунзите требаше да никне на Паљурци. Дел од јавноста реагираше на како што тврдат дружењата на Иванов со хунзите.

Претседател без значајни ингеренции

Иако претседателската позиција во Македонија не нуди огромни ингеренции, сепак се чини дека Иванов не ги користеше доволно и тие што ги имаше. Неговите годишни обраќања, многупати во јавноста беа оценувани како партиски, а не како на шеф на државата на сите граѓани. Затоа злобниците денес знаат да искоментираат дека во изминатиот пет годишен мандат повеќе активности имаше првата дама, сопругата на претседателот Иванов, Маја Иванова, отколку самиот претседател. Токму таа со нејзината насмевка, неколкупати беше дел од повеќе хуманитарни акции.

Си намигна со Обама во Вашингтон

Еднакво на гаф беше и изјавата на Иванов поврзана со молитвениот појадок  во Вашингтон, САД. Иванов тогаш седел блиску до масата каде што бил седнат американскиот претседател Барак Обама. Се поздравил со потпретседателот Џо Бајден, а претседателот Обама, пак, го погледнал и му намигнал.

Скандалозно откажан Самит на лидерите од Југоисточна Европа

Фијаското што го доживеа Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Охрид покажа дека Балканот е сè уште заложник на предрасудите и минатото. Во разочарувачки и помалку револтиран тон, шефот на државата нагласи дека нема да дозволи Македонија да ја плаќа цената за балканските предрасуди и врз нејзин грб да се поткусуруваат интересите на балканските земји. Одлуката на Иванов следуваше откако повеќето претседатели го откажаа учеството. Најпрвин Грција воопшто не одговори на поканата за учество на претседателот, а потоа и претседателите на Бугарија и Албанија соопштија дека нема да дојдат. Последен во низата беше хрватскиот престедател кој најави дека нема да дојде. Претходно реагираше и косовскиот претседател бидејќи не добил покана за учество.

Иванов – чесен и морален политичар

За еден дел од јавноста Иванов сепак во изминативе пет години ќе остане запаметен како чесен политичар.

Во својот мандат тој ја извршуваше својата фукција на меѓународната политичка сцена претставувајќи ја Република Македонија, но истовремено извршувајќи ги своите уставни и законски надлежности, работејќи во интерес на граѓаните и во интерес на државата.

Така, Иванов ќе остане запаметен и како чесен и морален политичар, којшто држел до своите принципи особено кога станува збор за националните прашања, кои се меѓународен предизвик на нашата држава. На домашен план Иванов имал одлична комуникација со граѓаните и со сите политички чинители во земјата.

Спортот како фактор за толеранција

Претседателот Иванов како покровител се јави на проектот Спортот како фактор за толеранција, подржан и од Американската амбасада. Проект кој имаше за цел преку спортски активности на децата од различни етнички и религиски групи да се запознаат меѓу себе токму преку спортот.

Спортски бон тон

Претседателот Иванов како покровител се јави и на проектот Спортски бон тон, чија цел беше да се начнат моралните аспекти и вредности на спортот, со цел да се намали насилството и агресијата во спортот, а почна првенствено од децата во основните училишта. Во проектот беа вклучени седум општини од Македонија, каде учат деца од различни етнички заедници. Инаку, двата проекти и „Спортот како фактор за толеранција“ и „Спортски бон тон“ беа на иницијатива на геостратешкиот институт Глобал.

Школа за млади лидери

Школата за млади лидери е проект на Претседателот Иванов, за првпат инициран уште во неговата изборна програма, следејќи ја неговата идеја и визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности. Школата прв пат беше организирана кон крајот на август 2010 година во Охрид.

Кој е Ѓорѓе Иванов

Д-р Ѓорге Иванов е роден на 2 мај 1960, во Валандово. Тој е актуелен претседател на Македонија, избран на претседателските избори во април 2009 година, поддржан од владеачката ВМРО-ДПМНЕ. На функцијата стапи на 12 мај 2009 година. Ѓорге Иванов е професор по политички науки, во 1995 е избран за асистент на Правниот факултет во Скопје, а во 1998 за доцент на предметите „Политички теории“ и „Политичка философија“. Една година подоцна е избран за визитинг професор на постдипломските студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Атина. Од 2000 година е член на Советот на директори на европските постдипломски студии за демократија и човекови права на Универзитетот во Болоња и координатор на курсот за демократија, што се изведува на Универзитетот во Сараево. Од 2001 година е раководител на Политичките студии при Правниот факултет во Скопје. Во 2002 е избран за вонреден професор, во 2008 за редовен професор. Од 2004 до 2008 е продекан на Правниот факултет.

Несигурност во одлуките, оставајќи впечаток дека чека партиска директива

Изминатиот петгодишен период Иванов на неколкупати остана нем за случувања кои директно или индиректно ги загрозуваа демократските капацитети на земјата. Речиси целата универзитетска фела му замери на Иванов затоа што експресно го потпиша законот за високо образование со кој се укинуваа одредени ингеренции на универзитетот со што индиректо беше загрзозена автономијата на универзитетот.

Како државник, Иванов се премислуваше и околу средбите со поранешниот  косовскиот претседател Фатмир Сејдиу. Останува врежана и потпишаната, па отповикана одлука за помилување на Ламбе Арнаудов, поранешен директор на ЕСМ кој во затворот во Идризово беше на издржување на четиригодишната затворска казна за проневера на еден милион евра.

Сумирано

Претседателот Иванов, сакајќи да биде во линија на ставовите на партијата која го поставила на оваа функција, несвесно го потроши својот легитимитет и падна во стапицата на буквализмот, што сепак, како што може да се забележи не е пречка за негова повторна кандидатура.

Извор: Faktor.mk