Забавување на публиката на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ чини по 2.000 евра од пејач. Толку тежат договорите што ВМРО-ДПМНЕ ги склучиле со пејачите Миле Кузманоски, Наум Петрески и Андријана Јаневска, кои настапуваат пред да се појави на сцена кандидатката за претседател, Гордана Силјановска.

Според финансискиот извештај на ВМРО-ДПМНЕ за првите десет дена од изборната кампања, освен хонорарот на овие музичари, обелоденет е и хонорарот кои го добиваат актерите Јелена Жугиќ и Зоран Љутков, кои ги најавуваат Силјановска и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. Договорите на Жугиќ и Љутков чинат по 1000 евра.

Долги години наназад, фолк ѕвездата Наум Петрески е дел од музичарите кои настапуваат за време на митинзите и настаните организирани од ВМРО ДПМНЕ.

Неретко, музичарите кои настапуваат на партиските митинзи, без оглед за која политичка партија се работи, стануваат мета на критики од јавноста.

Околу тоа која е причината што Петрески редовно пее на политичките настани организирани од страна на ВМРО ДПМНЕ, музичарот за „Фокус” раскажа зошто е дел од кампањите, уште од осамостојувањето на земјата.

Милион пати сум кажал и сите знаат дека ние живееме од пеењето, а не од идеалите кои ги наметнуваат политичарите! Тие кои сакаат да не напаѓаат, нека помислат дека ние ги храниме нашите деца со тешко заработени пари. Немој да мислат дека само фати го микрофонот и пеј си. Имам над 300 снимки и се уште вложувам во музиката, во просек некаде од 1.000 до 3.000 евра од песна, нека видат колку заработуваме, а колку ќе останат… Сите сме полни со кредити, и ретко кој пејач има пензиско – инвалидско осигурување. Значи, естрадата не функционира исто како и државата, која треба како сите нормални и цивилизирани земји да ги заштити своите уметници кои допринесуваат, ја претставувале и ја претставуваат земјата секаде низ светот! Од почетокот на осамостојувањето, се направија испревртено и нелогично, па сега тоа е одраз на ова што ни се случува на сите тука. Затоа ќе си ги испратиме нашите деца во други држави каде што се цени вистинската вредност и ќе жалиме што и ние кога сме можеле, не сме отишле што подалеку од тука – раскажа Петрески.