
Сите телефонски повици во земјава од први март стануваат национални и ќе имаат нова пониска цена, па наместо три денари ќе чинат еден денар, најави денеска директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Ордановски…
– Се брише границата меѓу повици во еден град или повици од еден кон друг град, како што беше практика порано. Сега сите стануваат национални, односно локални повици со цена од еден денар. Тоа значи од каде и да се врти, цената ќе биде иста – рече Орданоски.
Јавувањето од фиксен телефон на „Македонски телеком“ кон мобилен наместо досегашните 9,99 денари од 1 март ќе изнесува 6,99 денари.
Ордановски апелираше сите оператори во земјава да се однесуваат поодговорно и да ги почитуваат законите, а фокусот да им биде на корисниците.
Тој нагласи дека се забележани две поголеми девијации од страна на операторите кои се однесуваат на наградните игри кои ги организираат и продажбата на активни при-пејд картички.
Досега, како што информираат до АЕК, се примени 2.024 приговори и поплаки од граѓаните, од кои околу 970 се однесуваат за мобилната телефонија. Дури 70 отсто од тие приговори се однесуваат на преголеми сметки, односно граѓаните се жалат од начинот на тарифирање на мобилните оператори.