
Владата ќе формира Државна видео лотарија која ќе приредува игри на среќа на интернет и ќе забрани Македонците да играат интернет игри на среќа на странски сајтови и странски веб страници, соопшти денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев…
Минатата година бил распишан меѓународен јавен повик за привлекување странски приватен капитал за реализација на овој проект. На овој повик за најсоодветен партнер со кој ќе се реализира проектот е одбран Австрија казино, еден од најреномираните субјекти во оваа област кој има свои експозитури или пак реализира деловен потфат во над 40 земји во светот.
– Новиот домашен правен субјект кој ќе се формира за приредување на интернет игри на среќа ќе се вика Државна видео лотарија. Во ова друштво, државата преку Државната лотарија на Македонија ќе има 51 отсто од сопственоста, а Австрија казино ќе има 49 отсто од сопственоста. Државата нема да има финансиски издатоци во овој деловен потфат, односно ќе го пренесе само правото на организирање игри на среќа кое има своја проценета вредност. Австрија казино, пак, ќе има обврска да инвестира 6 милиони евра, средства кои ќе бидат искористени за реализација на потребите на друштвото, во смисла на обезбедување опрема, техника, тековни средства и останати логистички потреби. Значајно е да се истакне дека Австрија казино ќе обезбеди и стручна помош и знаења, како и искуство и пракса во реализација на проектот – објасни Ѓорѓиев.
Новата Државна видео лотарија се очекува да почне да работи кон крајот на март и почетокот на април оваа година.
– Ова друштво ќе почне со приредување интернет игри на среќа, интернет спортско обложување, он лајн игри на среќа и други игри. Истите овие игри кои ќе може да се играат на интернет ќе може да се играат и на специјализирани терминали. Со стартот со приредувањето на игри на среќа организирани од Државната видео лотарија, од тој момент во период од наредните две години, надлежните институции како што се Агенцијата за електронски комуникации, Министерството за информатичко општество, врз основа на најдобрите светски практики за домашните играчи ќе го оневозможат играњето интернет игри на среќа на странски сајтови и странски веб страници – истакна тој.
Како што додаде Ѓорѓиев, интернет игрите на среќа во Македонија досега не беа организирани од субјект во Македонија, а граѓаните ги играа преку интернет за странски субјекти. Тоа, додаде, предизвикува одлив на средства од државата, и ја ослабува регулацијата на дејноста, а државата нема никаков приход по основ на данок од кој се обезбедуваат средства за интересите на граѓаните.
– Сега со оваа можност, со приредување интернет игри на среќа од домашен субјект Државната видео лотарија, односно од страна и со учество на државата ќе се остварат повеќе цели и тоа регулација на системот, средствата нема да се одлеваат од државата, затоа што странските интернет игри на среќа не би биле дозволени, што значи дека средствата ќе остануваат во државата, државата ќе остварува приход од даноци, а тоа покрај редовното полнење на буџетот за други намени, значи и повеќе финансиски средства за специјалните ставки кои Лотарија ги дава по определен основ за екологија, за спорт, за здравство и ранливи групи итн. – објасни Ѓорѓиев.