
Според новата Одлука за комунален ред во Градот Скопје, станарите чии тераси гледаат кон улица или плоштад, нема да смеат на терасите да обесуваат алишта, пиперки, завеси, постелнина и теписи.
Освен ова, на терасите не смеат да се оставаат предмети што ќе го нагрдуваат ликот на зградата – тегли зимница, стари плакари или стари апарати за домаќинство. Граѓаните не може ниту да интервенираат на фасадата по сопствено убедување и без одобрение од надлежен орган.
Комуналните инспектори излегуваат во контрола и доколку утврдат дека некоја тераса е пренатрупана, можат да му наложат на сопственикот да ја среди.
На прозорците, балконите, терасите или на оградите може да чуваат само саксии со цвеќе и други растенија, но само ако не го оштетуваат објектот и не влијаат на безбедноста на граѓаните и на сообраќајот.
Прописите ќе важат и за дворните површини во куќи и во згради, кои се со поглед на главна улица, булевар или плоштад. Градот сака да го среди и проблемот со клима уредите, па од ова лето течноста од нив не смее да капе на надворешните делови на самиот објект или на соседен објект, ниту директно да се излева на тротоар.
Извор: Faktor.mk