
Резолуцијата за Македонија на зивестувачот Ричард Ховит денеска го помина првиот филтер – ја доби поддршката на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент со 48 гласа за, четири против и шестмина воздржани.
Повеќето адмандмани од грчките и бугарските европратеници беа одбиени, додека компромисните амадмани кои вчера ги презентираше европратеникот Ричард Ховит беа усвоени.
Измена во последен момент претрпе амандманот со кој Ховит сугерираше дека младите во земјата треба да го изучуваат „јазикот на другиот“. Овој амандман, кој предизвика и најмногу реакции кај европратениците кои го протолкуваа како барање за двојазичност во земјава, сега ја доби додавката „на незадолжителна основа“.
Ова практично значи дека Ховит останува на препораката дека треба да се изучува јазикот на другиот, но ваквата препорака не е со обврзувачки карактер.
Во првиот параграф од Предлог резолуцијата на Ховит останува дека “ЕП го повторува своето барање до Европскиот совет да одреди датум за почеток на преговори без понатамошно одложување”.
Европарламентот го повикува Грчкото претседателство со ЕУ да ја искористи позитивната динамика на нивното лидерство за да развијат нови иницијативи за надминување на ќор-сокакот во преговорите со земјава, а во исто време се охрабрува Македонија да ги консолидира реформите и обратните политики и практики што може да бидат пречка за нејзината европска иднина и решавање на тековните расправии со соседите.
Во соопштението до јавноста по денешното гласање, известувачот Ховит напоменува дека „тековното Грчко претседателство со ЕУ треба да се претвори во предност, а не пречка, во однос на долгогодишниот спор за името меѓу Атина и Скопје”.
Европарламентот ќе дискутира за оваа резолуција на пленарна на 5 февруари во Стразбур, а ќе гласа за неа ден потоа.
Извор: Faktor.mk