Работниците од Велес во германската компанија „Дрекселмаер“, која работи во индустриската зона кај Кавадарци, се жалат на катастрофални услови за превоз. Стотина од нив вчера не отишле на работа во знак на протест, јавија велешките локални медиуми.

dreksler

Работниците велат дека ситуацијата станала неподнослива особено по последните вработувања во „Дрекселмаер“ – бројот на работници бил зголемен, а компанијата одлучила да ги превезува со истиот број автобуси.

„Во автобус кој собира 50 лица, ние сме двојно повеќе и така патуваме половина час“, се жалат работниците, кои откриваат дека има проблем и со нивниот превоз од работа, така што понекогаш морале и по половина час дополнително да го чекаат автобусот да ги врати дома.

Компанијата им ветила нови дополнителни автобуси, но откако и вчера виделе дека ќе мора во нехумани услови да патуваат до работа, велешките работници се симнале од автобусот и не заминале за Кавадарци.

Одговор од „Дрекселмаер“ се очекува денеска. Во фабриката во Кавадарци на германската компанија – инвеститор работат околу 600 велешани.

Извор: Faktor.mk