![sud-administracija-D-Andono[1]](http://delcevodenes.mk/wp-content/uploads/2014/01/sud-administracija-D-Andono1.jpg)
Административците на секои шест месеци ќе го оправдуваат своето место во администрацијата, но ќе добиваат и можност за унапредување…
Со законот за вработување на администрацијата се воведуваат нови модели за нејзината ефикасност и ефективност. Околу 30 илјади административци ќе бидат оценувани по принципот 360 степени, објави МИА.
Покрај шефот отсега со новиот закон оценка ќе даваат колеги кои се на исто ниво, кои се едно ниво пониско и вработени во други институции или странки. Со 75 проценти во оценката влијае раководителот, 25 отсто од оценката е на останатите. Отсега се воведува оценката 5 што значи дека работникот посебно се истакнува и за тоа може да биде награден со една плата на крајот на годината. Со 5 можат да бидат оценети најмногу 5 проценти од вкупниот број. Оценетите со 3 и 4 можат со подобрена работа можат да добијат и унапредување.
– На тој начин се зголемува објективноста на оценувањето, на тој начин се обезбедува една правилна оценка за придонесот на вработениот во ефикасноста, ефективноста и квалитетот на работата на самата институција, со тоа се обезбедуваат подобри вработени, автоматски поквалитетни услуги за граѓаните – вели заменик министерката за информатичко општество и јавна администрација Марта Арсовска Томовска.
Оние со незадоволителни резултати на шест месеци од раководителот можат да добијат писмена опомена, но и задолжителна посета на обука и ментор. Доколку и натаму покажуваат лоши резултати на крајот на годината ќе се соочат со отказ.
– За сето тоа да биде реално, за да може да постигне добри резултати вработените ќе бидат континуирано обучувани и нивните компетенции ќе бидат дополнително развивани. Во таа насока предвидено е задолжителна обврска за институциите да обезбедат обуки за вработените кои што ќе ги зајакнат нивните компетенции во смисла на оние компетенции кои што се однесуваат на комуникација, начин на работа, соработка со тимот, сервисна ориентација и однесување со странки, подигање на нивото на интегритет, на професионална етика, но и стручни обуки од интерес на областа на институцијата во која што се вработени.
Веќе вработените во администрацијата во рок од три години од стапување на сила на законот имаат обврска потребното познавање на странски јазик да го докажат со соодветен сертификат, во спротивно парично ќе бидат казнети.
Законите за администрацијата и јавниот сектор кои се во собраниска процедура се во насока на зајакнување на условите и транспарентен процес за вработување во администрацијата, но и за унапредување на ефикасноста, ефективноста и квалитетот на работата на веќе вработените со цел поквалитетни услуги за граѓаните.
Извор: Plusinfo.mk