Пеколни лета и благи зими кои директно ќе влијаат на водните ресурси – вакви ќе бидат ефектите од климатските промени во земјава, предупредуваат експертите.

klimatski_promeni

Во проекциите направени за нашата земја, проценето е дека во периодот 2025-2100 година ќе дојде до континуирано зголемување на просечната годишна температура особено во летниот период од годината. Ќе има и екстремни пикови на високи температури и долги периоди на т.н. топли бранови  со  континуиран број на денови над 40 степени, сметаат добро упатените.

Според проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, состојбата ќе биде најризична во Југоисточниот регион на државата, каде и денес најчесто се појавуваат периоди на топли бранови и временски екстреми и непогоди со поплави и суши, а најмногу во Струмица и Гевгелија. Тој за Фактор вели, дека покрај директните ефекти врз здравјето, во такви услови доаѓа и до влијание врз менталното здравје, пореметени услови за живот, снабдување со вода и струја, пореметени услови за добивање на здравствени услуги, а ваквите климатски промени би се одразиле негативно врз сите сектори од економијата, земјоделството, шумарството, водните ресурси, биодиверзитетот и врз  здравјето на луѓето.

“Истражувањата во државата покажаа дека за време на топлите бранови, порастот на температурата за  1°C над границата од 30.8°C  води кон зголемување на општата смртност на населението за 4.8% , посебно кај осетливите групи население. Сличен е  ефектот и на екстремно ниските температури. Посебно во летниот период и топлотните бранови, се зголемува и ризикот од чести труења со храна предизвикани од бактеријата салмонела, а поврзано и со промени во однесувањето на луѓето и недоволна хигиена на храната и нејзиното приготвување и чување.  Во Скопје, проценето е дека порастот на неделната температура за 1°C  над просекот  од 17.9°C е поврзано со пораст на случаи на Салмонела за 2.8%”, вели проф. д-р Драган Ѓорѓев.

Директни здравствени ефекти и ризици

Со порастот на температурата, според д-р Ѓорѓев, климатските промени  имаат влијание и врз пораст на продукцијата на полен и продолжување на сезоната на полен,  а со тоа и тегобите кај не малиот број луѓе кои имаат алергија на полен.Се зголемуваат и другите болести кои се пренесуваат преку вектори кои се намножуваат во вакви услови како  заразни болести кои се пренесуваат со храна и вода. Но, се создаваат и поволни услови за зголемено присуство и на други инсекти преносители на заразни болести  преку крлежи и комарци.Тој додава дека влијанието на силните УВ бранови од Сонцето се посебно нагласени во временските екстреми и топли периоди со секако потенцијално штетен ефект врз кожата,  а што е посебно ризично кај оние кои работат на отворено  како земјоделци, градежни работници.

Анализите, вели Ѓорѓев,  покажаа дека во услови на есктремни температурни пикови, топли но и ладни бранови во зимно време, зголемен е бројот на повици до службите за итна медицинска помош посебно за постарата популација и лицата болни од хронични болести на срцевосадовиот и белодробниот систем.

Повеќе за ова на Faktor.mk