Ремито на македонската ракометна репрезентација во дуелот со Чешка максимално ги заплетка работите во групата А од Европското првенство (ЕП) во Данска, иако нè стави во далеку подобра позиција од вечерашниот противник на патот кон вториот круг.

macedonia

Во моментов е јасно дека четвртфиналната фаза ќе ја видиме ако задутре ја совладаме Австрија или, пак, ако одиграме нерешено и дека колку бода ќе освоиме на овој дуел, толку ќе пренесеме во вториот круг. Но работите ќе станат каша-попара ако евентуално претрпиме пораз во последниот меч од прелиминарната група А, бидејќи тогаш во игра ќе треба да влезат калкулаторите.

Правилата велат дека во една таква ситуација ќе решава вкупната гол-разлика на Македонија и на Чешка, каде што во моментов сме подобри, бидејќи имаме минус осум (44-52), наспроти минус десетте гола на противникот (44-54). Тоа значи дека разликата помеѓу негативата со која би загубиле ние и Чесите не смее да биде поголема од еден. Ако изнесува два, тогаш во игра влегува друг критериум, а тоа е бројот на постигнатите погодоци на двете селекции, што е уште потешко да се предвиди.

Во практиката тоа би изгледало вака: ако жолто-црвените загубат со четири гола, тогаш Чешка мора да загуби со три или повеќе погодоци за ние сигурно да се пласираме во вториот круг.

Повеќе од јасно е дека сета оваа математика е комплицирана дури и за оние со поголеми знаења од оваа научна дисциплина. Но избраниците на селекторот Ивица Обрван можат многу лесно да ги поедностават работите. А тоа е да ја совладаат Австрија, или, пак, во најмала рака да одиграат нерешено. Тоа би им ставило крај на сите дилеми. Нормално, ако на мечот помеѓу Данска и Чешка се случи очекуваниот исход – победа на домаќинот.

Извор: Mojatv.mk