Без придвижување, но со ново ветување завршија преговорите во Њујорк…

0,,16396102_303,00

Новата рунда преговори за името во Њујорк заврши без придвижување, но со најава за нивно интензивирање. Медијаторот Метју Нимиц рече дека и двете страни изјавиле желба тие да се забрзаат, поради што по изборите се планира нова рунда разговори, или во Њујорк или пак во регионот.

„Нема конкретни резултати, но ова беше многу жива и искрена размена на мислења од двете страни“, изјави Нимиц по средбата. На заедничката средба на Нимиц со преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис се дискутирало за позициите на двете страни во спорот, а се разгледувале и се дискутирало детално и искрено за веќе постоечките предлози за потенцијалното решение.

„Зборувавме за тоа процесот да напредува. Двете страни ја изразија нивната желба да се забрзаат разговорите“, истакна Нимиц. Додаде дека иако се’ уште очигледно не се дојдени до решение, сепак и двете страни се спремни и немаат проблем поинтензивно да се продолжат разговорите.

Медијаторот и преговарачите се договориле и за нова рунда разговори која најверојатно ќе биде по изборите. Нимиц се очекува да оцени како ќе стојат работите и да одреди дали и самиот да го посети регионот по изборите, или пак да ги свика Јолевски и Василакис повторно во Њујорк. Средбата траеше речиси три часа и е прва по таа во октомври минатата година, која заврши со разочарувачки изјави.